top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Блажена ноќ за носталгично потсетување на делото на Конески

Во четвртокот, на три дена пред официјалното одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, годината посветена на него беше надополнета со уште еден настан.

Настанот на кој присуствував заедно со колумнистката од Култура Бета, Калина Качоровска, беше настан за кој можам да речам дека е еден од најзначајните бидејќи беше промоција на пет реобјавени книги од Блаже Конески т.е. три реобјавени стихозбирки „Везилка“, „Црква“ и „Црн овен“ и двотомниот „Збор и опит“ каде што се содржат изборите на најважното од поезијата и од научната работа на Конески. Настанот се оддржа во фоајето на Македонската опера и балет со почеток во 19 часот, а во огранизација на издавачката куќа Арс ламина.


Поети, писатели, професори, философи и сите вљубени во делото на Конески – дојдени да ги ислушаат петорицата професори кои ги имаат подготвено и напишано поговорите кон гореспоменатите книги. Па така, на дискусијата учествуваа академик Влада Урошевиќ, проф. д-р Вера Стојческа Антиќ, проф. д-р Иван Џепаровски, проф. д-р Димитар Пандев и проф. д-р Зоран Анчевски, сите со еден „свој Конески“, со свое толкување на делото на Конески и, најинтересно, сите на различен начин познаници и соработници со него и, секако, полни анегдоти за средбите со Блаже Конески.

Секогаш уникатен и со импозантен говор Урошевиќ говореше за неговите средби од младоста и инспиративните поетски дискусии кои ги имал со Конекси, тој раскажа за неговата прва средба со првото издание на „Везилка“ и восхитеноста што ја имал кога ја прочитал песната „Кафез“. Професорката Стојческа Антиќ, како негова најблиска соработничка, ги раскажа почетоците на нивната соработка, нејзината возбуда кога ѝ се остварува желбата да соработува со Конески и инспиративната соработка при изработка на преводот на „Тиквешкиот зборник“. Следен кој говореше беше професорот Џепаровски кој, всушност, ја дава целата идеја за подготовка на зборник од најпознатото од поезијата и научната работа на Конески и истиот збир од дела да биде подостапен за широките маси. Од Џепаровски излезе и главната поента на целиот настан, тој искажа „Секој си има свој Конески“ и со тоа ни остави завет на сите кога ќе го препрочитуваме Конески, да си ја формираме нашата идеја за него, да зборуваме со нашиот Конески, со нашите омилени дела од него. Во продолжение говореше и професор Пандев кој раскажуваше за искуствата со Конески во неговите студентски денови, а потоа и соработките кои ги имал со него на професионален план. Пандев даде и поширок осврт кон есеистиката и научната работа на Блаже Конески, ги истакна најважните текстови и ни посочи дека во нив се наоѓа сржта на тоа што академски Конески сака да го искаже. Промоцијата завши со обраќањето на професорот Анчевски кој раскажуваше за три главни средби со Конески кои тој ги имал, за чувството на збунетост при првата средба со него и сето тоа давајќи суптилни описи на тоа што Конески прави на тие средби – како приказната за како лупи јаболко со мало ноженце за кое се претпоставува дека останало во наследство од некој дедо или прадедо на Конески. Дискусијата ја модерираа двајцата издавачи и уредници на петте книги.

Вечерта секако не можеше да помине и без да се чујам рецитали од некои од стожерните песни на Конески, па така маестралниот актер Ѓорѓи Јолевски со импозантна изведба ги изигра стиховите на Блаже Конески. Па ги слушнавме „Везилка“, „Стерна“, „Разговор“ и др. По завршувањето на формалниот дел, се продолжи со неформални разговори меѓу присутните.

Важноста од оваа промоција, важноста од ова реиздавање на три најзначајни збирки дополнително со двотомниот „Збор и опит“, се гледа во потребата од продолжувањето со негување на ликот и делото на Конески. Оваа вечер беше само едно потсетување на што Конески нас ни значи, беше претставување на неформалниот Конески за оние што сме се родиле по неговата смрт, оваа вечер беше учење дека сите треба да го формираме нашиот Конески, вечер за секој да си го пронајде својот Блаже Конески.


*Фотографиите се преземени од официјалниот facebook профил на издавачката куќа Ars lamina.

190 views
bottom of page