Го зборевме ова? :: Во очи на Pride
- Ангела Бошкоска

- 1 day ago
- 4 min read
Драга моја Калина,
Во периодов кога не се допишувавме се случија многу нешта; неколку патувања, потоа крај на уште еден летен семестар, скопска пролет, со „Култура Бета“ објавивме две книги и новиот број на „Тригер“, уште едно патување, нова работа и потоа настани, настани, настани – а помина само мај. Што ми остави најголем впечаток? Перформансот „Евнуси“ во изведба на бразилското дуо Ирмас Бразил (Irmãs Brasil); Бразилски сестри кој го гледав за време на фестивалот Скопје прајд викенд 2026.
Иако секогаш кога ти пишувам размислувам колку далеку треба да одиме со доверувањето во писмава кои ги споделуваме со сите на интернет, внимателно одделувајќи ги (пре)интимните доживувања од личното кое е политичко и бара да биде речено, мислам дека секогаш на крајот се водам по инстинктот за она што навистина ми е значајно.
Пред да го гледам, намерно не читав ништо. Знаев само дека се вклопува (и очигледно го оправда!) годинешниот тематски фокус на фестивалот „Анархични тела“. Повеќе од половина од времето додека траеше (а траеше сигурно еден час) бев многу збунета: каде сум, со кого сум, што се случува пред мене. Во тие минути се борев со мислата: Па зарем јас не сум доволно слободоумна, зар овој перформанс може да ми предизивка непријатност?
Сега, кога поминаа две недели, ти кажувам дека да, беше непријатно. И, беше неугодно. Имаше некоја сѐприсутна тензија што мислам дека не одмина никого од нас. Прво беше неизвесно, а тензијата почна да надоаѓа во бранови. Во еден момент почнав да се плашам без да знам зошто. Во друг момент престанав да се плашам, исто така без да знам зошто. Кога заврши, ми олесна. Но, дури сега се чувствувам катарзично.
Ми станува јасно зошто ми беше, па не ми беше страв. Се плашев бидејќи досега не сум била олку блиску (буквално – физички и умствено) соочена со (дел) од темите што ги третираше перформансот како родовиот идентитет, транзитирањето и живеењето во општество кое непрестајно те предизвикува да крвариш во најсуровите облици на преживување – за овие нешта мислев дека знам многу, подготвена да дебатирам во секое време. Можеби најмногу се плашев од ранливоста на Бразилските сестри што цело време танцуваше покрај нив, а јас гледав како им пркоси на моите „либеарлни ставови“ за прашањата што ги поттикна перформансот.
Во еден момент (за тие што беа таму – тогаш кога една од сестрите им рече „Фала“ на оние кои демонстративно ја напуштија салата, кратко пред крајот) ми се разјасни колку длабоко во мене се вкоренети патријархалните ставови кои ги прокламира нашето општество. Иако одамна ги имам отфрлено традицоналните гледишта за сексуалните и родови идентитети и ги истражувам и преиспитувам (и своите ставови) со што повеќе читање и консумација на разна медиумска содржина, сепак сфатив дека она што ја предизвикува неудобноста веројатно е истото тоа што несвесно се задржало во мене. И токму заради тоа ми требаше визуелно-танцово-театаралниот јазик на кој говореше перформансот, а кој ми одговори на прашањата без да изусти збор. Освен, се разбира, симболично зборот „фала“, изговорен на македонски.
Ми олесни, затоа што почувствував како границите внатре во мене се прошируваат. Речиси физички почувствував дека правам уште еден чекор надвор од нив без да се плашам од и за она што го напуштам, туку се да се радувам кон она на кое му се доближувам: разбирање на процесите кои ќе ми останат апстрактни, но не и нејасни. И од оваа гледна точка сето ова уште повеќе ме исполнува бидејќи токму неколку дена пред да го гледам перформаност, влегов во дискусија зошто (како што кажаа) голи газови се уметност.
Факт е дека перформансот го гледав во Скопје. Во истиот град во кој во сабота (20 јуни) ќе се одржи седмата Парада на гордоста под слоганот „Сите нека знаат“. Во истиот град во кој пратениците во Собрание, (парадоксално на истиот датум на кој јас го гледав перформансот!) предложија кандидат за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација кој во една своја колумна пишува:
„Дали гледаме дека либерално-ЛГБТ концептот тешко го оштети албанското семејно ткиво, нанесувајќи ни непоправлива демографска штета?“
Притоа, вели дека другите (ние) поради ваквите ставови ќе го сметаме за „антиевропски или антизападен еретик“. Искрено, не може да ми е помалку грижа дали е проевропски или прозападен. Во ситуацијава, употребата на овие епитети звучи смешно. Неговиот став е конзервативен, зрачи дискриминација и пропагира национализам. Толку.
Кога излегов од МКЦ мирисаше на липа и беше конечно топла летна ноќ во која можевме со часови да седиме на клупа и да разговараме за тоа што го гледавме. Бев среќна што се најдов таму, со моите луѓе околу мене, со кои месеци наназад работевме на различни текстови врзани со квир постоењето на Балканот и во Македонија. На некој начин, и ти беше таму со нас, само не ти кажавме, :).
Да, реалноста нѐ стигна кратко после тоа, уште следниот ден со вестите за предлог-кандидатот. По неколку дена повторно ѝ избегавме, со настанот на кој се промовираше „Тригер“ и Изборот на современа македонска квир поезија „Згужвани граници“ што го приредија Андреј и Стефан. Постоењето меѓу двете крајности што е способно да ги создаде нашето општество: „Евнуси“ во МКЦ и контроверзен кандидат за антидискриминација во законодавниот дом во ист ден – веројатно останува како единствен начин за опстанок во овие времиња-невремиња. Во очи на Прајдот како потпора ни (о)станува личното искуство како ова што ти го раскажав.
И да ги омекнуваме, гужавме и прошируваме границите.
Се радувам да те видам наскоро (конечно!),
Со многу љубов, А.




Comments