top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

Дали конечно се гледа крајот на Оскарите?


Со оглед на тоа што уште откако паметам за себе сум била заинтересирана за филм, ноќта на Оскарите секогаш сум ја чувствувала како празник. Веројатно токму тоа е и дел од нивниот „шарм“ (кој сега и тоа како го губат, ако не е веќе одамна изгубен), тоа што нивниот луксуз, злато, раскош, балски фустани, црвени килими, наместени фризури и бели насмевки, во буквална смисла нѐ мамат, нѐ залажуваат дека и преку телевизор можеме да ја почувствуваме богатата атмосфера и да се радуваме како на празник. А, сепак, како што на Пепелашка после полноќ, така тука после цели 93 изданија, магијата се губи.


Секако, со моите 18 години, не можам да се пофалам дека јас лично сум ги видела Оскрите во екот на нивниот престиж. Наместо тоа, сум ја видела Jennifer Lawrence како се сопнува од фустанот на скали и како прогласуваат погрешен филм за главната награда на вечерта. И покрај тоа, сфаќам дека дури и години како 2017 и 2018 ги паметам како далеку повозбудливи од она што го гледав пред два дена, не зашто биле којзнае колку добри или интересни изданија, туку затоа што секоја година, без исклучок, квалитетот, но и забавата, опаѓаат со многу брз интензитет.


Меѓутоа, падот на квалитетот и забавата не е причината поради која не само што се губи интересот кај публиката, туку и се гради одредена одбивност кон Оскарите како нешто корумпирано, вештачко и застарено.

Веројатно прво нешто кое би го прочитале како критика за Оскарите е тоа што се премногу „бели“, премногу машки, премногу затворени. Апсолутна вистина! Но, она кое тие го прават на еден лажен и неприроден начин и се случува последниве неколку години поради очигледната негативна реакција од страна на публиката, е воведување на нови критериуми кои се залагаат за поголема разноликост на номинираните (што не е случај само со оваа церемонија). Проблемот не е што се сега поинклузивни, но тоа што тие со години и децении игнорирале квалитетни филмови создадени од луѓе кои не се дел од нивниот престижен круг од 300 претставителни богаташи, а сега, како одговор на општество кое повеќе не прифаќа такви пропусти, за да си ја зачуваат гледаноста, се дуваат себеси со тоа што после речиси цел век им даваат шанса и на оние другите да бидат признаени. Како капаче на сето ова, тие очекуваат и „браво“, очекуваат пофалби за нивното залагање за диверзитет, за тоа што конечно гледаме нови лица во златни фустани и досадни одела.


Јасно е дека главното нешто кое е одлика на Оскарите е токму тој снобовски однос. Со години и години онаа слика на престиж и изобилство, привилегија и почестеност била токму она кое ја прави церемонијата вредна за гледање. Многу лесно можам да замислам релгиозно следење на наградите во било која деценија од минатиот век. Меѓутоа, не и во дваесет и првиот. Ова време кое е особено затекнато од, но и свесно за сите не само неправилности, туку неправди кои овој снобовски, виш слој на општеството ги задава не може да биде толерантно. Сите нееднаквости кои постојат можеби не се директно поврзани со Академијата за филм, но се дефинитвно дел од истиот проблем. Истиот корен. Оосбено денес, во ова (пост)-пандемиско време, кога разликите се поочигледни од било кога, не постои ништо примамливо за четиричасовна емисија за тоа како богати и привилегирани луѓе си се натпреваруваат помеѓу себе. Веќе тоа не е бегање од реалноста во некој поубав свет или во некоја Дизни приказна, туку напротив, е особено брутално соочување со суровата реалност дека за нив, животот не е променет. Тие не се суштински допрени и засегнати од ситуацијата со која веќе цела година наназад се соочуваме. За нив животот продолжува да биде бајка.


Како за крај, никој не ја доловува суштината на површноста и одвратноста на Оскарите поубаво од режисерот Luis Bunuel:

Nothing would disgust me more, morally, than to win an Oscar.


394 views
bottom of page