top of page
  • Writer's pictureЛеонид Велковски

Дали општествените норми и закони секогаш водат кон хипокризија, или од корен се хипокритични?

Она што може да се забележи насекаде околу нас, се луѓе со одредени стандарди, луѓе со одредени цели и правила според кои се водат во животот. Тоа е нормално, во ред и секако секој мора да се води по нешто во животот без разлика дали е тоа морално, етички, добро или лошо. Но, во општеството, односно човековото општество, во религиозните заедници, во образованието, дома и на улица, постојат одредени правила кои би требало сите да ги следат и сите би требало да ги почитуваат. Така, некои надредени луѓе, во општествената хиреархија, водат сметка за тоа кој колку се води по правилата, кој колку ги почитува законите, а ако не го прави тоа, следува некоја казна или остар поглед за да се поправи однесувањето.


Обично тие поставени правила, ги следи општата маса, сметајќи дека цврсто треба да се придржува до нив, на пример најактуелно е сега да се придржуваш до ковид мерките, без да се размислува дали тие се логични, добро обмислени, смислени и како тие би правеле добро за општата популација. Но, разбирливо е дека авторитетот на психолшко ниво дејствува и дека посигурно се чувствуваш кога знаеш дека постојат мерки, правила според кои ти ќе се водиш, надевајќи се дека луѓето кои ги носат тие правила на однесување се доволно компетентни, доволно морални, размислуват нели како вас и се водат по некоја здрава логика.


Но, обично и низ историјата се покажало дека оние луѓе кои ги носат законите, односно оние кои се власт и би требало да бидат лидери на ,,стадото овци”, не секогаш, но и ни малку не се труделе да го следат она што тие рекле дека е правилно и дека треба да се прави. Односно, често сретнуваме хипокрити кои не си го почитуваат она што си го кажале, тебе те советувале, а тие направиле нешто уште поразлично од тоа во што верувале дека е вистинската ,,работа”.


Не е само власта или некој поединец хипокритичен, туку и самото општество како колектив низ историјата поставувало норми на однесување кои од корен биле хипокритични, односно очекувањата за некои нешта биле толку високо кренати што било невозможно да се исполнат одредените очекувања кој некој ги имал за некој друг или обратно, односно општеството допринело да се создаде незапирлив круг или тркало кое постојано врти, барајќи одреден отчет од секого, носејќи го секого во лага, осуда и на крајот казна.


Зошто би се создавале правила кои се невозможни или во пракса нелогични за остварување? Веројатно одговорот е затоа што луѓето сакаат да идеализираат и секако идеалот и идеологијата се поважни од реалноста. Всушност општествените норми се повеќе идеал отколку реалност, нели начин со кој се задоволуваат некои повисоки барања на човековиот ум, барањето за свет кој не е баш тоа што ние го гледаме, свет во кој има правила, без разлика дали тие кореспондираат со реалноста или не, но сепак тие се таму и треба некој да ги почитува, а ако не се случува тоа постои казна за тој нечесен човек.

Всушност во реалноста никој не ги следи правилата на општеството целосно, никој не ги следи законите во правото целосно, одредени кодекси, бидејќи едноставо не е можно. На некој начин сите луѓе повеќе или помалку се отпадници, нели никој не припаѓа целосно во едно општество, секој го гледа секого со потсмев или осуда бидејќи направил нешто кое според него, не би смеело да се направи.


Иако законите и нормите се хипокритични, нели еден нешто кажува, а друго прави, во сабота се опијанува и ја изневерува сопругата, а во недела оди на литургија, или фаќа криминалци, а тој прави криминал, сепак до некаде ги поттикнуваат луѓето и им прават некоја кочница да направат нешто подобро за себе или за некој друг. Без разлика дали го организираат, му даваат смисла и значење и го контролираат општесвеното однесување, сепак не прават многу во тоа да се следат, освен ако нема казна, која и не мора да значи дека е секогаш ефективна.


Знаеме дека во минатото имало луѓе кои загинувале за својот идеал или идеалот на својот народ, како и нашите народни херои кои загинувале во името на Македонија или партизаните за борба против фашизмот, а фашистите за борба против комунизмот и либерализмот и наметнување на фашистичката идеологија. Ете од тој аспект некои луѓе се придржувале до лоши и злобни правила на однесување кои му наштетувале на човештвото, не знаејќи за тоа, мислејќи дека тие се во право и тоа е најправилното нешто кое може да се следи.


Од друга страна од секогаш, а и денес свесни сме за луѓе кои едноставно се притискани од општесвените норми и закони и ги прекршуваат за да се задоволат себеси или некој друг, а знаеме за такви кои едноставно од преголем страв засекогаш се мачат себеси така што стриктно ги следат одредените правила. Но, не значи дека секогаш е добро да се бега од нормата или пак секогаш е добро да не се бега, тоа е исто така дилема која може да се разгледува од повеќе перспективи, бидејќи е на исто ниво со прашањето за тоа што е добро, а што лошо. За некој сериски убиец е сосема во ред да се убива, а за некој свештеник не е во ред да се убива, но во ред е помалку да се бега од постот, додека за неговиот колега свештеник тоа е тежок грев.


Она што би требало да се прави, а можеби и во некое идно општесвено уредување е тоа што луѓето повеќе би требало да се осврнат на реалноста, а не на идеалот и да ги спуштат општествените очекувања така што тие самите од себе би биле пореални, а помалку хипокритични.


224 views
bottom of page