top of page
  • Writer's pictureКултура β

Дамјан Златановски: Деволуција на едно фантомско општество

Дома сум и безделничарам на каучот со кафе в левата и далечинскиот во десната рака. По четврти пат ги обиколувам каналите и повторно застанувам на оние странски со живописни глетки од светски природни феномени. Сигурно би го земал телефонот в рака доколку телевизорот не ми ја украдеше концентрацијата; под златно небо и солен ветер, тиркизното море ги пие брановите во три слоја, а тие пак итаат да ги избришат отисоците стапала на ситниот песок додека морето не ги голтнало во целост. Морето не мирува, постојано е во движење, промена, во плима и осека, а повторно останува исто – море! Но, не е ли чудно како постојано се менува и повторно останува исто? Неверојатно е како некои нешта бараат константна промена да би останале исти. Всушност ние како луѓе бараме константна промена, надоградба, реинвенција за да би останале верни на себе. Во спротивно стануваме фантоми на некоја си мината верзија од нас самите, која веќе одамна не постои. Како реки в тек сме ние луѓето, оти течењето на реката не е знак на постојана промена, туку каталошки пример дека некои нешта мора постојано да се менуваат за да останат исти. Не го земав телефонот, оти мозокот се префрли на аналитички модалитет.


Од друга страна на монетата пак, човекот како индивиуа живее во колектив - да би опстанал мора да општи со нему слични. Оттука доаѓа заклучокот дека и средината мора да се менува за да би останала иста. Ма сѐ мора да се менува за да си ја задржи автентичноста и да не згасне во досада. Но колку ние како колектив се променивме во последните 30 години? Јас лично и не можам да одговорам оти 12 од 30 години не сум бил ни идеја на планетава, а камо ли аналитички и критички граѓанин. Но, заклучокот кој го влечам од генерацијата која сѐ повеќе се доближува до тој аналитичко-критички индивидуалец од колективот (мојата генерација) разочарува! Ако сме ние последица на тие 30 години труд и грижа, тогаш 30 години единствена промена која ја има нашиот колектив е линеарно намалување на само свеста и чувството за идентитет и себепознавање. Ако некогаш сме гледале во хромати, денес дефинитивно гледаме во 30 нијаниси на сива која ни го краде периферниот вид – веројатно по една за секоја изгубена шанса да изрти самосвест и почит кон своето, без квазипатриотизам, туку љубов директно од душа.


Љубовта се чувствува, но пред сѐ се учи. А ние сме научени дека нашето не бидува и дека чарето е странство. Уште од мали зборуваме како ќе „избегаме“ и ќе најдеме „спас“, но не знаеме од кого тоа бегаме и се спасуваме. На кои ловци сме плен? Па, сами сме си ловци бидејќи секојдневно помагаме на систем непотизам, корупција и „шорткатс“ за да си олесниме во блиска иднина, а долгорочно се упропастиме. Љубовта се учи, а нам никој не нѐ научи да го сакаме јазикот за кој се бориме и ден денес. Но, се бориме површно, плитко. Се бориме поради инает, само да не дозволиме друг да ни го земе, а ни самите не го познаваме и цениме. Мојата генерација (онаа консеквенца на тие 30 години) не зборува македонски, веројатно бидејќи не го ни знае. Јазикот ни бил чуден, па малку познат, па досаден, сиромашен, „подобро се изразувам на англиски“, „природно ми доаѓа да размислувам така“. Па, кој нѐ научи да мислиме на англиски? Всушност мојата генерација и не се срами од своето, туку ја фаќа cringe. За Конески имаме слушнато, иако не знаеме кој е, познат ни е Мисирков, но и тој некако на крај на паметот на врв од јазикот ни е.


Кај мојата генерација и читањето е срамно. Суровиот шепот на реалноста студено ми вдишува в врат оти да зграпчиш една книга за струк и потонеш во длабочините на нејзините црни очи е ништо друго освен срам. Да ѝ се препуштам да ми наслика светови и илустрира мисли, кои гарантирам се побистри од моите, ме прави сенилен, луд. Но и да кажеме си потпаднал под таа црна магија (не дај боже) уште посрамно е да читаш домашни автори, мислам сиромашен ни е јазикот и малку синоними имаме за да би можеле да оформат цврста мисла. Ако сакаш да читаш, мора да биде скришно, да ѝ шепнеш на книгата „омилена си ми тајна“ и црвени лалиња замотани во весник да ја даруваш дур никој не гледа, како љубовница, како бласфемија, како грев. Така се сака во 21 век, скришум, тајно.


Ама кој да нѐ научи на правилно? Кој да ни покаже? Кој да ни каже дека земја не се сака со славење на празни датуми, туку државни празници? Кој да ни каже дека патриот не се бидува со оставање на смет во природа после пикник? Кој да нѐ научи дека за да те почитува некој прво сам треба да се познаваш и цениш? Зар пионерите кои први зачекорија во новата епоха и треба да бидат пример и лекција, не се и самите фантоми на минатото? Едни плачат за Југославија, други плачат по Европа, а кој плаче по Македонија? Зарем не Ве печат органите кога на крајот од денот ќе се вратите дома, ќе ги собуете кондурите и фрлите алиштата на кревет, па ќе ја откопчате кожата од тилот накај колкот и ослободите шејтанот кој жари во молкот после цел еден ден плукање по социјални медиуми и бистрење политики на туѓи души? Зар не сте вие оние кои 30 години оставија да гние историјата, традицијата, идентитетот и културата, во кои се колнете до ден денес? Зарем НУБ „Св. Климент Охридски“ не руинира поради вас? Физичката репрезентација и седиштето на македонскиот јазик, националност и идентитет и број останати културни споменици ги пополнуваат светските листи на загрозени светски културни наследства, скапуваат поради вашата индиферентност. Вашите деца се верни негуватели на турбо-фолкот, вашите деца размислуваат на англиски, вашите деца останаа без содржина на мајчин јазик. Па ќе гледаме туѓо кога ги затворивте кината и осиромашивте театрите, политизиравте културните настани и во целост отстранивте културната сцена. А одговорноста ја барате по коментари на фејсбук. Впрочем сите се виновни освен самите вие!


Како што асфалтот се капе во месечевата светлост, така ние пливаме по овој пример на генерацијата пред нас. Израснати во фантомско општество, сега сме пуштени да функционираме, а сме нефункционално одгледани. Треба да бидеме дел од општество во кое сѐ ќе ти прости освен успех и талент, каде нема што да размислуваш своеглаво оти партијата мисли место тебе. Каде е конструктивната критика? Каде е самокритиката? Зар во друг ќе го бараме проблемот уште 130 години или пак конечно ќе го идентификуваме предавникот во мене, тебе, во нас? Никој друг не нѐ продава, сами си се продадовме, само се надевам дека не е доцна, иако понекогаш е подобро никогаш да не се почне, отколку да се почне предоцна!


И така со два спуштени прозорци и само еден медиум на сонцето пишувам. Ја пишувам мојата прва колумна, а првите мачиња во вода се фрлаат; така што не знам дали овие думи ќе се претворат во импулсивна објава или пак ќе продолжат да битисуваат тивко и скришно во белешктие од мојот лап топ. Толку.

449 views
bottom of page