top of page
  • Writer's pictureКултура β

Како филмовите и културните настани ни го обликуваат животот?!

„Од кога не ни се случило да гледаме филм и да бидеме толку допрени од тоа што сме го виделе, па со часови да седиме и да разговараме?!“ – ги прашувам моите другарки, седејќи покрај кеј. Воодушевени, имаме безброј мисли во главата кои се обидуваме да ги споделиме што е можно побрзо, за да не ги потиснеме или во најлош случај – да ги заборавиме. Бевме на „Македокс“, инаку. Нашиот трет филмски фестивал за ова лето. Следејќи ја програмата, случајно „налетавме“ на филм кој ни ги растрепери душите и нè поттикна да се преиспитаме себеси од почеток. Ни наметна милион прашања за нас самите, нашиот идентитет и начин на живот и...можеби најбитно од сè: нашите верувања.


Пресреќна сум што и моите другарки, исто како и мене, ги помислија истите нешта кои ме мачат речиси цела година – кој го обликува нашето сопствено мислење и дали начинот на кој живееме е продукт на современото општество? Дали смееме да мислиме поинаку од другите и што ако во моментот прашаме/кажеме нешто што не е „прифатливо“? Дали, иако свесни за „одредениот“ пат по кој чекориме, утре ќе се разбудиме и ќе продолжиме по истиот пат? И што ако не продолжиме?! Многу прашања, во различни правци и насоки. Меѓутоа, сега да се вратиме на првата реченица од колумната и да не му дозволиме на прашањето да стане реторичко.


Имам забележано дека сè повеќе луѓе гледаат филмови кои во нашите глави нè поттикнуваат ништо, освен што предизвикуваат убаво чувство или се пријатна забава. Проблемот со тие филмови е што додека ги гледаме се чувствуваме добро, потоа ги заборавиме и ништо не учиме од нив. Не велам дека тоа секогаш е лошо, но секогаш преферирам нештата што ги гледам, читам, следам, да бидат суштински битни и квалитетни. Во спротивно, верувам дека нашиот мозок не се развива понатаму и остануваме „заглавени“ во истиот круг во кој се вртиме постојано. Истиов пример би можел да се поврзе и со книгите и музиката, па затоа мораме да бидеме многу повнимателни кога бираме што и колку гледаме, слушаме, читаме во текот на денот. Да си ја развиваме критичката мисла, наместо само да уживаме, трошејќи го времето.


Во мојот свет, филмските фестивали и културните настани во градот се најбитното нешто во животот. Во време во кое, на секој чекор, луѓето ти кажуваат што и како да мислиш – културата има моќ да те инспирира за да ја пронајдеш вистината во себеси, да ја откриеш нурнувајќи во сопствените длабочини или да ја создадеш негувајќи си ги личните верувања. Културата е уметност која не само што бара толкување, туку и те „приморува“ да размислуваш надвор од границите на својот ум, за да дојдеш до креативни решенија за одредени животни проблеми. Културата никогаш не ти кажува директно што да мислиш, зошто нешто да правиш и како да постапуваш, туку ти помага во пронаоѓањето и обликувањето на својата вистина.


Благодарна сум присуствувам на фестивали и други културни настани во градот, па ви препорачувам и вие да ги посетите културните случувања во вашиот град, секогаш кога имате можност. Читајте книги, гледајте филмови и слушајте музика, но не заборавајте да размислите дали сето тоа ви помага во развојот на личноста или само напразно ви го пополнува времето. Би сакала да ја најавам и мојата нова рубрика на Култура Бета - „КУЛТУРОГЛЕД“ - поглед на македонската културна сцена, прошетка низ впечатливите збиднувања и осврт на случуванки и необични муабети со ликови кои му даваат боја на нашето време. Се гледаме за скоро време, со нови текстови и разговори. До тогаш, останете заинтересирани за културата и уметноста во вашето секојдневие. Пријатна инспирација <3.

373 views
bottom of page