top of page
  • Writer's pictureКултура β

Пишувам исклучиво после полноќ - Матеј Спасовски

Пишувам исклучиво после полноќ, за никој да не ми додева во стишената безвучност.

Пишувам исклучиво кога сум празен, онака стандардно без живост,без чувство.

Пишувам исклучиво кога ќе се исклучам од модерниот строј.

Пишувам исклучиво кога возвишеноста и подземјето се одронуваат во паралелен спој.

Пишувам исклучиво кога сум присутен во извештачената метафора, а воопшто не постојам.

Пишувам исклучиво за да го искусам раскошот на писателскиот свет, а не за во сегашниов да се изборам и опстојам.

Пишувам исклучиво кога ќе излезам надвор со стиховите и римите да си поиграм.

Пишувам исклучиво кога сум слободен во тематиката и својот стил на изразување,а не кога морам помеѓу наслови да одбирам.

Пишувам исклучиво кога не морам стручноста воопшто да ја чепкам и допирам и кога за да ја погодам вистинската точка не морам воопшто ниту да се обидам.

Пишувам исклучиво кога измислените размери на зацртаните хоризонти се потполно промашени.

Пишувам исклучиво кога на истите намерно ќе им допуштам хаотично да залутаат и потоа повторно споени ќе бидат пронајдени.

Пишувам исклучиво кога наоружен со мастилото во вениве и емоцииве самиот се противам на светот кој е против мене и исклучиво кога отсјајот од огледалото го потенцира ликот на анонимниот писател спроти себе. Пишувам исклучиво после полноќ, бидејќи тогаш не се знае ниту дали будното заспива ниту дали заспаното се буди.

Пишувам исклучиво кога полноќниот ветер топло ја милува мојата креативност додека надвор времето безмилосно студи.

 

Матеј Спасовски е новиот автор кој зема учество во нашата ẞ-инста-стихозбирка. Тој е ученик во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“, каде завршува втора година.


Тој за себе вели: „Во 2017та година ја напишав и издадов својата прва книга,збирка раскази насловена „Приказни зад аголот“ која дефинитивно го одреди мојот понатамошен пат и стремеж да го негувам и постојано развивам својот талент и својата уметност. Од метафорична гледна точка, јас сум само уште некој од многуте кој одржувајќи се на работ од секое ново поглавје на статичното постоење, го ограбува секој неизминат миг од еден безвременски простор и именувајќи се себе си како еден заборавен и отсутен патник низ незбиднатите пророштва на пишаниот збор, сепак на крајот од денот јас сум само момчето со писателска дарба.“

27 views
bottom of page