top of page
  • Writer's pictureВасил Ханџиски

,,Спремноста” на Македонија за справување со последиците од климатските промени


Летово избувнаа голем број пожари во Македонија, на целиот Балкан, Италија и Турција и искрено не ја разбирам зачуденоста на луѓето за овие случувања. Во статија на ,,Deutsche Welle” прочитав дека ова лето е третото најтопло лето во светот и второ во Европа, а на македонските вести секоја година новинарите споделуваат како ова лето е потопло од претходното и секоја година имаме нови рекордни температури детектирани на мерните станици во Скопје. Иако Медитеранот е област во која секоја година има пожари, оваа година се многу раширени и долго време не може надлежните да се справат со истите. Не ме зачуди тоа што во статијата пишуваше дека една од главните причини за овие природни катастрофи се климатските промени кои веќе не смееме да ги негираме.


Во периoдот кога пожарите избувнаа кај нас јас бев на одмор во Црна Гора и уплашено ги следев случувањата од мојот телефон. Секој ден гледав како започнува да гори некој нов предел од Македонија. Не ми беше јасно зашто властите не преземаа нешто за да се соочат со овие пожари, но со развојот на настаните го добив мојот одговор. Се покажа колку нашата држава не е спремна за справување со природни катастрофи, кои ќе бидат се почести заради глобалното затоплување. Мораше да доаѓаат пожарникари од Словенија и Австрија, бидејќи ние немавме доволно пожарникари и соодветна опрема за да се справиме со пожарите. Луѓето соодветно реагира на социјалните мрежи за овој проблем пишувајќи коментари од типот: ,, Да не беа словенeчките и австриските пожарникари ќе изгореше цела Македонија.” Би сакал да направам споредба со тоа што го видов во Црна Гора, односно близу местото кадешто престојував избувна голем пожар. Во рок од неколку часа беше изгаснат пожарот и тоа беше резултат на добрата организираност на црногорските пожарникари.


Колумнава ја пишувам затоа што мора нашата земја да почне да презема мерки за адаптација од последиците од климатските промени. За жал со нашето деструктивно однесување нема да може да ги превенираме и ќе бидеме принудени да се приспособиме кон последиците од климатските промени. Токму за пример ги земав пожарите кои се’ случија кај нас, затоа што тие покажаа дека ние немаме опрема и имаме дефицит од стручни лица за справување со природни катастрофи. Наместо да го следиме светскиот тренд за инвестирање во зелени политики ние продолжуваме да ги игнорираме овие проблеми. Реченицата ,,Ова нема да се случи кај нас” веќе не е валидна, затоа што ние веќе ги гледаме последиците од климатските промени кај нас.


Властите мора да ги отворат своите очи и да почнат да дејствуваат. Дојдовме до тој момент каде дејствувањето утре е доцна и принудени сме да почнеме да реагираме денес. Проценките се дека најпогоден ресурс кај нас ќе биде водата. Ќе има се почести поплави и суши кои ќе влијаат врз нашата агрикултура. Мерките, кои ќе се преземат, треба да бидат во насока на намалување на ризикот од природни катастрофи, со тоа што ќе се заштитат нашите природни ресурси. За пофалба е тоа што шарпланинскиот регион беше прогласен за национален парк, но не треба да застанеме тука. Би требало сега да садиме дрвја во пределите кои беа погодени од пожарите, да ги обезбедиме речните корита за да се намали ризикот од поплави, да обезбедиме модерна технологија за справување со природни катастрофи, како и да се создаде кадар кои ќе може да се справи со истите.


Патот за да се спроведат овие политики ќе биде долг и тежок, но мора да чекориме цврсто по истиот. Треба да преземеме сите одговорност и со своите експертизи, вештини и проактивност да се бориме за да ги заштитиме нашите убавини затоа што колку повеќе се грижиме за нив толку повеќе тие ќе се грижат ние да останеме живи и да имаме квалитетен живот.


239 views
bottom of page