top of page
  • Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Театарска актуализација на стихувана реализација

Во саботата, на 4 декември 2021, на големата сцена на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип се одржа промоција на првата стихозбирка на младата поетеса Марија Велинова. Таа е поетеса, а пишува и кратка проза и на македонски и на англиски јазик. Таа е несомнена вљубеничка во книжевноста, филмот и театарот (со кој што се занимава аматерски), па така целата промоција беше синкретизам меѓу уметностите, промоцијата беше една театарска актуализација на првата стихувана реализација на Марија Велинова. Заедно со актерите од младинското драмско студио „Spotlight“ приредија получасовен перформанс со што ги разиграа стиховите од „Разговорите што не можевме да ги имаме“. На промоцијата обраќање имаше и самата авторка која раскажа за инспирацијата, своето пишување, процесот на селекција на песните и за своето разбирање на поезијата.

Веднаш по перформансот, ја имав привилегијата да ја презентирам мојата рецензија на збирката со што за првпат успеав (барем така претпоставувам!) да рецензирам или барем да дадам еден кус осврт на моето разбирање на едно поетско дело. Затоа се решив во четвртите „Импресии“ интегрално да ја објавам рецензијата кон „Разговорите што не можевме да ги имаме“:


„За секоја пролеана капка крв

од мојава ќе ти дадев.

за секое твое изгребано парче кожа

од мојава ќе исечев.

Сега залудно чекам да дојдеш, да се покаеш.

Ги нема моите залихи на неизмерна љубов,

се испразни нивната сила.

Но, огнот никако не згаснува,

а жарот пече посилно од сè.

Затоа еве ти ги, земи си ги,

сите мисли посветени на тебе,

сите лутачки погледи

кои те бараа тебе

и сите разговори

кои сакав,

но не можевме да ги имаме.“


Вака започнуваат „Разговорите што не можевме да ги имаме“! Кога збирка вака започнува, а оваа песна се наоѓа пред почетокот на збирката, како нејзина увертира, може да се сфати дека авторката ветува едно борење на нејзината поезија со читателите. И навистина, кога ќе навлезете во читањето на оваа збирка ќе може да влезете во лична конфротација со она што Марија како поетеса не можела да го искаже, па го кажува тука. Па веднаш од крвта, изгребаната кожа, залихите на неизмерна љубов и печливиот жар на нашиот читателски грб се поставува тежина која треба да се носи низ сите стихови од оваа збирка. Во ова излагање јас нема да направам еден содржински осврт, нема да зборувам за што се работи во збирката бидејќи со тоа, едно дело, особено поетско, се убива во поим. Јас само ќе подадам еден од можните начини како би можело да се чита ова дело врз основа на моите скромни поетски познавања заедно со одредени философско-естетички и поетички концепти кои ми се под интересирање.

Кога се анализира поезија на млад автор, особено на дебитантска, на прва збирка, е особено интересен моментот што во збирката, тука зборувам и од лично искуство, се содржани најискреност, најголема љубовност, најголема отвореност на авторот кон читателите и тоа е така бидејќи кога се подготвува прва збирка авторите сме ослободени од оние некои писателски стеги и рамки, кои со текот на времето се добиваат, посветувајќи се многу повеќе и на формата. А кога се пишува прва збирка многу повеќе сме посветени на самата содржина, посветени сме на моментот да успееме да го искажеме неискажливото не обрнувајќи внимание на формата. Па затоа и кога се анализира прва авторска збирка особено е видлива и таа некоја младешка „наивност“, отвореност, искреност, но и леснотијата на авторите со која си кажуваат сѐ што имаат па токму од таквите начела стигнуваме до завршено поетско дело како целина.


Со самото почнување со читање на „Разговорите што не можевме да ги имаме“ Марија понудува едно патување низ три животни стадиуми распоредени во три дела на збирката: 1. Те имам; 2. Те немам; 3. Сè имам. Па кога ќе се погледне вака конципирано поетско дело веднаш, интуитивно, може да претпоставите низ какво патешествие најпрво се нурнала самата авторка да го создаде овој поетски спис, а потоа и какво патешествие ни понудува на нас читателите. „Што си ти?“ е првата песна од збирката која ме повлече кон читањето на песните така како што Марија наумила да се читаат. Пред тоа има две песни со наслови „Кога се појави ти“ и „Твоето доаѓање во мојот живот“ со кои се најавува вашето присуство, присуството на секој еден читател, кој може или кој треба да се пронајде во стиховите. Во „Што си ти?“, меѓу другото, Марија пее:


„Ти си мојот извор,

од кој ја гасам мојата жед за живот,

во кој се огледувам кога сум осамена

и кој никогаш не пресушува.“


Па штом го прочитате ова лично обраќање кон вас како читатели авторката веќе ве определува како одредена личност во нејзините стихови, а веќе штом знаете дека го има делот насловен како „Те немам“, може само да претпоставите низ каква поетична голгота ќе ве втурнат овие песни. Па оттука можам да извлечам и одредена жанровска определба на збирката на Марија – љубовна поезија. Низ сите песни во оваа збирка е присутна љубовта без разлика дали е претставена преку љубовната радост, преку љубовната тага, преку љубовната болка, љубовниот недостиг, копнеж, преку љубовта кон пријателите, кон љубениот, кон сите нас, евидентна е љубовта... љубовта како тема можеби и најмногу дава тежина на едно поетско дело бидејќи како таква е една од најзагонеточните теми кои можат да се изберат за пишување поезија. Да, можеби навидум изгледа лесно да се напише љубовна песна, но љубовта кога се зема како тема таа ги нуди најтешките пропозиции за пишување. Бидејќи:


1. Најпрво љубовната приказна, особено во поезија, не може да се смести во нејзината изворна форма - значи мора да се видоизмени, метафоризира, умешно да се построи во стихови;


2. Второ, љубовта како тема во поезија е она што мора најмногу да се устрои, да се скроти, бидејќи таа како тема носи со себе илјадници и безброј емоции кои мораат соодветно да се спастрат во една поетска форма;


3. И трето, кога се пишува љубовна поезија треба да се успее писателската субјективност да се претвори во објективност односно она што е „нејзино“ на авторката да се претвори во една општа љубовна состојба за да може да допре до секој читател.


Па од овие три премиси доаѓаме до заклучокот дека љубовта е исклучително сложена тема за поезирање и за неа е потребна преголема писателско-авторска умешност што кај Марија е неизмерно присутна, се согледува низ песните нејзината вештина да ги скроти зборовите, да си ја соголи душата и директно да ви каже сѐ што има. А кога понатаму, се надевам низ следни збирки, ќе читате од новите песни на Марија, ќе успеете да го согледате нејзиното поетско созревање и развивање на нејзината вештина во соочувањето со љубовта, за кое што веќе имам посведочено дека е така.


Кога би се вратиле на трите дела на оваа збирка се согледува една поетска еволутивност во приказната, тргнувајќи од делот „Те имам“ каде што е очигледен поетскиот инспиративен занес, каде што евидентно се гледа секое позитивно влијание насоочено кон пишување и кон нејзиниот лирски објект на кого се обраќа, та оттука преминувајќи на делот „Те немам“ каде што се присутни едни тешко-искрени песни кои со себе носат и болка и тажна страст и кои се најголем доказ дека ова дело се дефинитивно разговори кои не сте можеле, со Марија, да ги имате, па сѐ до делот „Сѐ имам“ каде најпрво уште во самиот наслов на делот се игра со тој надреден знак на сѐ-то па уште веднаш Марија ве поставува во забуна дали мисли на „сѐ имам“, како да ги поседува сетоста или мноштвото или, пак, „сè имам“ сфатено како да се поседува самата себе како целина, па има сè што е потребно дури и кога не пишува насочено кон лирскиот објект. Па така со читањето на последните песни од збирката, би се дошло до заклучок дека всушност поетесата се има себе си во сетоста, во целината и со тоа се заокружува љубовната целина на самата авторка.


Ваквата поделба, да, може да се гледа како целина која е поврзана и како делови кои неизбежно зависат еден од друг, но можат да се гледаат и како три различни емотивни стадиуми кои течат паралелно еден до друг со различен лирски објект и немаат никаква допирна точка, па можат да се анализираат како независни поетски целини кои можат да се анализираат и читаат одвоено и кои нема да бидат еден еволутивен след на настаните туку паралелни случувања и збрка од емоции кои се несомнено присутни во збирката. Но не е мое да оценувам како треба да се чита делото, бидејќи јас го исчитав на еден одреден начин, а сега само ги подавам овие две перспективи оставајќи ви можност сами да ја конструирате есенцијата на поделбата на самата збирка.


„Тоа беше крај на најубавиот период,

крај на еден убав сон

од кој не сакав да се разбудам.

Тоа беше кошмар од кој бегав долго,

бајка која не сакав да ја дочитам,

со несреќен крај кој не сакав да го слушнам.“


Ова е дел од завршницата на вториот дел „Те немам“. Ги избрав овие стихови од песната насловена како „Последни стихови за нас“ бидејќи тука се случува главниот пресврт. Се губи лирскиот објект и после песнава, неочекувано во поетска збирка, се поставува краток расказ. „Тоа утро морето беше премногу мирно. Обично уживав кога беше тивко, но овој пат ме плашеше. Овој пат смиреноста криеше смрт позади неа. Смрт на сè што се случуваше до тогаш. Ги немаше вообичаените капачи, ниту сонцето гореше силно. Знаев дека ме потсетува на нешто. Можеби на еден нов почеток.“ И од овој момент Марија како авторка се повлекува, го напушта субјектот до кого се обраќа во речиси секоја песна пред овој кус расказ и ве остава да талкате буквално само низ нејзините мисли. Од овој момент во збирката, ние како читатели сме препуштени на последните 23 песни каде што имаме поетски монолози и себе-обраќања, премногу ретко спомнувајќи го лирскиот објект и воскликнувајќи со песната „Универзумот во мене и јас во него“ се поставува клучното прашање на кое секој кој чита би требало да си даде одговор: „Зар е возможно, да ја впијам целата историја?“ и ништо повеќе не треба да се каже освен „Лебдечка честичка во вселената да се сторам“ со што можеби се потврдува изедначувањето на „сè имам“ сфатено како поседувањето на сетоста со „сè имам“ сфатено како поседување на самата себе во целина, како поседување на себе и целиот универзум во себе. И нека ве остави во замисла дали може во себе да ја впиете цела сопствена историја, дали во оваа збирка во која се обединети сите делови на лавиринтот на нејзиното срце во чиј излез се гледа ранливоста на неискажаните мисли е ранливоста од разговорите што не можевме да ги имаме.


498 views
bottom of page