top of page

Бета-муабет со Лидија Димковска: Се чини дека најдоброто во македонската книжевност денес го пишуваат повеќемина авторки и неколкумина автори

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Aug 6, 2025
  • 9 min read

*Интервјуто е првенствено објавено во 4. број на списанието на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, In medias res, во рамки на тематот на бројот посветен на творештвото на Лидија Димковска. Целиот број е достапен ТУКА!


Четвртиот број на списанието на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, In medias res, го отвораме со тематска единица посветена на творештвото на една од најважните современи македонски авторки Лидија Димковска. По тој повод, го објавуваме ова интервју со неа во кое разговараме за искуствата на студирањето на Филолошкиот факултет и колку Катедрата за општа и компаративна книжевност ѝ помогнале за она што го работи денес, за наградата „Роман на годината“ и признанието „Штефица Цвек“, за новата генерација македонски поети и поетеси, за ангажираната книжевност и за совети кон младите автори. 


Андреј Медиќ Лазаревски: Драга Лидија, најпрво Ви благодарам што одвоивте време за ова интервју и Ви посакувам добредојде назад на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и, секако, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Најпрво, морам да кажам дека меѓу студентите постои огромен интерес за истражување, читање, препрочитување на Вашето творештво, а потоа и пишување за него. Па, за почеток, сакам да Ве прашам, како се чувствувате во врска со ова, што  значи за Вас младите читатели и студентите да Ве читаат? 


Лидија Димковска: Морам да кажам дека сум многу почестена и длабоко благодарна што за темат на студентското списание „In medias res“ решивте да го изберете моето творештво. Многу се радувам што студентите го оживуваат моето творештво на предавањата, вежбите, во своите дипломски, магистерски и докторски трудови, во есеи и рецензии, а некои од нив имав можност и да ги прочитам и да се воодушевам од тоа на колку начини и со какви механизми студент(к)ите ги читаат моите книги, и колку потковани се во интерпретирањето дури и на најскришните нишки на мојата поезија и проза, што дури и мене како на авторка ми отвораат прозорци кон она што сум го напишала. Тоа е непроценливо затоа што сме современици во жив дијалог преку книгите и средбите. Инаку, секогаш со радост се враќам на Филолошкиот факултет во Скопје, тоа ми е дури и таен ритуал – обично кога сум во Скопје, влегувам во аулата, се качувам по скалите и седнувам во некое скришно катче на неколку минути, не од носталгични причини туку за да ги почувствувам актуелните вибрации на факултетот,  да го осетам времето на просторот. Кога излегувам од факултетот се чувствувам полетна како по положен испит. Секако, на паднатите не сакам да мислам.


A: Вие имате завршено на овој факултет, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Во една прилика велите дека оваа катедра Ви помогнала да станете космополит, Ви помогнала да запознаете многу библиотеки, светови, да се стекнете со безброј искуства. Па, ако се навратите наназад, какви беа вашите студентски денови на Филолошкиот факултет? Колку Катедрата за општа и компаративна книжевност Ви помага во она што го работите денес, колку катедрата Ве насочи кон пишувањето како занает, како професија? 


Л: Токму како студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и дебитирав со книгата „Рожби од Исток“ во 1992 година, заедно со Борис Чавкоски, кој исто така беше студент на групата. Токму професорот Влада Урошевиќ во предговорот кон „Рожби од Исток“ ја означи нашата поезија „доста различна од онаа што ја пишуваат врсниците на овие автори“. Тогаш ние бевме млади поети, а сега јас ги следам денешните млади поети и поетеси, а некои се и студент(к)и на Филолошкиот факултет. На Филолошкиот факултет постоеше литературниот клуб „Илунаи“ како продолжеток на клубот „Малиот принц“ што ги посетувавме тогашните млади автори и авторки, повеќето на еден или друг начин поврзани со Катедрата за општа и компаративна книжевност и воопшто со Филолошкиот факултет. Чести соговорници ни беа Елизабета Шелева и Александар Прокопиев. Всушност, Елизабета Шелева на своите извонредни часови и најмногу од сите нѐ поттикнуваше да твориме, и со изборот на темите, книгите, дебатите, неретко ме инспирираше непосредно за песните што ги пишував. Билјана Ангеловска – Бики во мене, пак,  ја насети прозаистката што ќе стане години подоцна. Страста за читање ја имав отсекогаш, како и поривот за пишување. Она што ми го дадоа студиите беше сознанието дека сета светска литература ми е на дофат на раката, дека никој никогаш нема да може да ми го одземе правото на читање. Студиите го легитимираа тоа право како да е човеково право, поставувајќи равенка на еднаквост меѓу сите книжевности, не само во рамките на македонската. Студиите ме научија да споредувам, но не на нечија сметка, туку на радоста на луцидноста, асоцијациите, отвореноста, знаењето. Тогаш сфатив дека буквално може да се учи дури си жив. Дури и сакав што побрзо да го завршам факултетот за да можам токму тоа да го правам без притоа да мислам на испити и оценки  – да читам и да учам за сѐ што ќе предизвика кај мене љубопитност, желба по знаење, по нови светови. Така го запознав и космополитизмот – прво преку патувањата низ литературата, подоцна и низ животот, а денес е мото на моето постоење.  


А: Минатата година бевте добитничка на наградата „Роман на годината“ за најдобар роман за 2023 година. Станува збор за романот „Единствен матичен број“ во издание на издавачкиот центар „Три“. При врачувањето на наградата, во Вашиот говор истакнавте дека наградата „Роман на годината“ станува родово најдемократската награда во Македонија, еве и годинава поворно авторка е добитничка на наградата, кажете ми зошто овие работи се важни и дали чувствувате дека македонската книжевност, критика и читатели веќе подеднакво ги препознаваат и ги третираат и авторките и авторите, и дека веќе се цени само квалитетот без разлика на родот, полот, етиничката, сексуалната или  каква било друга определба? 


Л: Би било прекрасно да е така, но мислам дека треба да изминеме уште долг пат за да резимираме дека очекувањата се исполнети. Секојпат одново сме поставени пред тестот на времето, на современиците, на вечноста, но и на предрасудите, стереотипите, конзервативните наративи и затоа секое придвижување нанапред е освестување за поздравување. Македонија има одлични авторки  и многу ми е мило што оваа година романот на Калина Малеска „Светот што го избрав“ ја доби наградата „Роман на годината“, а да не заборавиме дека во најтесен избор беа и одличните романи „Простување“ од Кица Колбе и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски. Читајќи ја романескната продукција за 2024 морам да кажам дека ми се допаднаа и други романи од авторки што топло им ги препорачувам на студент(к)ите, како „Напластување“ од Јасмина Атанасова, „Леска Брезоска“ од Симона Јовановска, „Тони“ од Румена Бужаровска, „Не ѝ верувај на баба ти“ од Натали Спасова, „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова, покрај неколку романи од автори кои исто така ми се допаднаа. Се чини дека најдоброто во македонската книжевност денес го пишуваат повеќемина авторки и неколкумина автори. Минатата година на саемот на книгата истакнав и дека наградата „Роман на годината“ треба да ги рашири своите граници и во јазична смисла, и да се отвори и кон малцинските и мигрантските автори и авторки кои живеат и творат во Македонија, на кој било јазик, не само на македонски. Дури тогаш наградата сосема ќе се демократизира, што ќе биде и голем чекор на демократизирање на целокупната македонска култура и општество.  



А: На нишка на претходното прашање. „Единствен матичен број“ го доби и признанието „Штефица Цвек“, па какво значење има оваа награда за Вас? Колку придонесе ова за препознавање на романот во регионален контекст со оглед на тоа што тој веќе ги добива првите преводи во странство? Но и што оваа награда значи оваа награда во еден регионален феминистички контекст?

 

Л: Признанието „Штефица Цвек“ ми е особено мило затоа што се доделува во чест на една од моите најсакани светски авторки – Дубравка Угрешиќ. Признанието е прекрасно и затоа што рамноправно се доделува на повеќе дела во една тековна година, затоа што го обединува регионот, нѐ отвора едни кон други и им отвора пат на нашите книги на трансверзалата на книжевноста, пред сѐ онаа свесната, ангажирана, феминистичка, проактивна книжевност на која освен естетските ѝ се важни и етичките мерила и критериуми, секако, ако е ангажирана во својата изворност, во својата иманентна суштина, а не затоа што тоа се очекува од неа и во обид да одговори на очекувањата станува вештачка, а не автентична творба. „Единствен матичен број“ се најде во одлично друштво на авторки и книги што и самата ги ценам и читам (меѓу нив и нашата Калиа Димитрова). Неодамна хрватската издавачка куќа „Фрактура“ го објави „Единствен матичен број“ на хрватски, а првата критика за романот, мошне темелна, луцидна и релевантна ја напиша токму една млада критичарка. Кога романот излезе на словенечки, првата промоција на романот се случи на фестивалот „Итн.“ во Љубљана, кој  го подготвуваат средношколци и студенти. Беше воодушевувачки да се разговара со нив за темите на романот.  Книжевноста секогаш поврзува светови, генерации и луѓе, а признанието Штефица Цвек активистички ги поставува делата во поширок општествено-културен контекст, апсолутно компаративистички. 


А: Живеете во Словенија веќе со години, препознатлива сте по тоа дека во Вашите романи ги работите темите врзани со миграцијата, преселбата, граничните состојби итн. Зошто токму овие теми, кој е поривот да се зафатите токму со овие нешта во Вашето творештво?


Л: Тоа се темите на мојот живот, односно темите со кои се здоби мојот живот и едноставно ги изнесе на виделина по преселбата од Македонија, прво во Романија, а потоа во Словенија. Пред тоа никогаш не размислував и не пишував за конкретноста на преселбите, мигранството, бегалството, номадизмот, граничните состојби, идентитетот итн. Пишувам за прашања што ми се блиски, познати и за кои размислувам не само како авторка туку пред сѐ како граѓанка на светот во кој живееме, свет преполн со судбини на луѓе кои морале да почнат од нула на друго место, како стари, избрчкани новороденчиња на историските пресврти, на векот засегнат со кризи, војни, крвопролевања, на светот во кој се множат десничарските владетели, ускратувањето на слободите и правата, популизмот, рамнодушноста кон жртвите, кон децата, геноцидната политика за која дури ни демократијата нема повеќе осуда итн. Од историјата не научивме ништо и јас во моите дела токму тоа сакам да го нагласам, секојпат преку индивидуални приказни за обични луѓе што историјата не ги забележува, не ги помни, но длабоко ги засегнува, обележува и го одредува нивниот животен пат. По емпатија, по хуманистичка линија, ме интересираат темите за идентитетот и интегритетот и свесно или потсвесно тие и најчесто се појавуваат во моето книжевно писмо.  


А: Знам дека ја следите македонската книжевност и книжевата сцена тука и верувам дека ќе се согласите дека последниве години има едно ново културно раздвижување, нов културен бран кај младите не само во книжевноста, туку генерално во културата. Дали ги читате новите автори, има ли некои кои би ги издвоиле како омилени или кои Ви оставиле посебен впечаток? И што, генерално, мислите за новиот бран млади автори, особено млади поети и поетеси? 


Л: Тукушто ја прочитав новата поетска збирка на Милена Сиљаноска „Куќичка на дрво не е дом“ во која издвоив десетина песни кои ми оставија силен впечаток. Пред кусо време, пак, со студентите од Лекторатот по македонски јазик во Букурешт водев работилници за препев на најмладата македонска поезија која беше презентирана на 8 декември – Денот на македонскиот јазик во Романија. Подоцна романското престижно списание „Поесис Интернатионал“ реши да објави поезија од Калиа Димитрова, Ива Дамјановски, Ивана Јовановска и Викторија Ангеловска во препев на студентите од Букурешт и со студент(к)ите-препејувач(к)и и со нивната лекторка, Елена Ѓорѓиовска, одвај го чекаме изданието на списанието, бидејќи тоа е голем чекор и за Лекторатот и за најмладата македонска поезија на романски. Антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ (прир. Весна Мојсова Чепишевска и Иван Антоновски) е одличен преглед на творештвото на младата македонска поезија, а постојат и други објави и настани што се трудам да ги следам. Мене лично ми се допаѓаат оние автор(к)и кои ангажирано (односно свесно, јасно, бескомпромисно) се однесуваат кон стварноста околу себе и во себе.  Сметам дека младите поети и поетеси треба да ги прележат детските болести на творењето пред да дебитираат во книга, односно доволно долго да си дадат простор и време за да го пронајдат својот поетски пат, својот поетски глас, својата поетика, притоа многу да читаат, и современа и класична книжевност, и да го бараат своето автентично јас кое ќе стои зад она што го пишуваат. Секако, треба да се свесни за сѐ што се случува и околу нив, не само во нив, да имаат критички став, цврсти начела, бескомпромисно мислење, да бидат интелектуалци, не само автори. 


А: Пишувате проза, пишувате поезија, исто така сте и книжевна преведувачка. Дали можеби се занимавате и со некоја друга уметност надвор од книжевниот домен? 


Л: Не, иако ме привлекуваат сите уметности. Се сеќавам дека кога ја пишував „Скриена камера“ посакав и сама да фотографирам талози од кафе како што тоа го прави еден од ликовите во романот – Теута од Тирана, на уметничката резиденција во Виена заедно со писателката Лила од Македонија и музичарот Џозеф од Пакистан. Понекогаш ме зафаќа желба да цртам и да сликам бидејќи таа дарба ја имав и во детството, а гледам дека добро ми оди кога некое дете ќе ме замоли да му нацртам нешто. Можеби некогаш ќе го правам и тоа, којзнае. 


А: Ова интервју го правиме за студентско списание, значи читателите во најголем број се млади, а верувам дека дел од нив се занимаваат со пишување поезија или проза. Кој е Вашиот совет до младите за пишувањето? 


Л: Пишувајте само ако навистина морате, ако без пишувањето не можете да живеете, а читајте секогаш и секаде, но не сѐ и сешто туку само добра, врвна литература. Не брзајте со дебитирањето, освен ако не сте убедени (ако некој друг – на пример уредникот) не ве убеди дека делото е зрело за објавување. Понекогаш младите автори избрзуваат со објавувањето не знаејќи дека секогаш е вистинското време да се дебитира. Важно е да се има добра книга, а возраста не е важна. 


А: За крај, што читате во моментов? И дали работите нешто ново, нов роман или нова поетска книга? 


Л: Во моментов го читам романот „Убавата Мераб“ од мојот најомилен шведски писател Торгни Линдгрен (во превод на словенечки) и антологијата „Тела и јазици во движење“ (Современата женска поезија во постјугословенските поетски култури), која ја уреди српската поетеса и теоретичарка Дубравка Ѓуриќ и неодамна излезе во Нови Сад – антологија од непроценливо значење и вредност што топло ја препорачувам и за објава на македонски јазик. Пишувам книга за деца и освен возбуда чувствувам и голема загриженост дали ќе ми успее потфатот. Истовремено истражувам, скицирам, запишувам и се подготвувам за една, во моментов, хибридна книга со работен наслов „Архива на телото“ во која сакам преку разни книжевни жанри да се зафатам со темата на телото во сите негови облици, содржини, конструкти, парадигми, баналности, табуа и тајни, детабуизирајќи го преку реални и имагинарни, лични и колективни искуства и имагинарии. Мислам дека тоа ќе биде книга со најмногу феминистички референци во моето творештво. Ама – прво треба да ја напишам!  










Comments


bottom of page