Фестивалот на европски филм Cinedays годинава навистина понуди богата програмата од краткометражни и долгометражни филмови од македонски режисери кои, според реакциите на присутните, се покажаа како високо квалитетни, со одлична актерска игра, одлична камера, издржана приказна и исклучителна естетика.
На програмата на претпоследниот ден на Cinedays (17.7.) публиката можеше да ги погледне филмовите „Страст по лутањето“ на Леона Јариќ, „Имиња“ на Јане Спасиќ, „Досие иднина“ на Гоце Трајковски и „Доволно возрасни“ на Горан Столевски.
1. „Страст по лутањето“ на Леона Јариќ
„Страст по лутањето“ е четириминутен филм на младата филмска режисерка која веќе е препознаена и кај нас и во регионот со своите краткометражни филмови, по неколку проекции на неколку филмови на фестивалот „Дрим Шорт“, гостувањето во Белград и учеството на проекцијата на младински филмови „Процеп“, филмот „Страст по лутањето“ доживува проекција на Cinedays. Филмот е експериментален, посветен на четири ликови олицетворени преку четири ликови со различни идеологии. Првиот се чувствува дека сака да има друг живот, вториот е неприфатен се бори со самотија, со својот живот, клаустрофобичен е, третиот мрази се, нихилист, мрази што е создаден, четвртиот е депресивен. Преку игрива приказна, режисерката Јариќ ги покажува ќошињата на животот кои се скриени, невидливи и нечуени.
Повеќе за филмот и творештвото на Леона Јариќ прочитајте во интервјуто со неа ТУКА!
2. „Имиња“ на Јане Спасиќ
Филмот „Имиња“ на Јане Спасиќ е еден од помоќните, подобрите и поквалитетните краткометражни филмови на Cinedays. Отворајќи ја големата тема за смртта, војната и конфротација на смртта и војната поставува „драматична“ приказна олицетворена преку игра на деца сместени во прифатилиште за бегалци кои се борат меѓу себе справувајќи се со стравот од смртта на своите татковци-војници за кои во секој момент може да дојде веста дека починале.
Со широк тим од актери и останати соработници, режисерот Спасиќ се поклони пред големата публика која беше присутна во МКЦ Паркот и истакна дека е благодарен на Cinedays и МКЦ што и покрај сите опструкции успеаа на мускули да го износат и ова, 22-ро, издание на фестивалот.
3. „Досие иднина“ на Гоце Трајковски
Претпоследниот ден беше посветен на македонските филмови, како трет македонски филм за таа вечер публиката имаше можност да го погледне „Досие иднина“ на Гоце Трајковски. Филм за преиспитување на љубовните односи на една закоравената врска во постпандемично време. Ставајќи ја на тест сексуалната алчност главниот лик влегува во сигурна смрт минувајќи низ љубовниот триаголник кој влегува во нивниот дом. Преку симболиката која суптилно се појавува низ филмот, тој отвора прашања и за љубовните врски, за довербата, еротски теми, сексуалноста, правата на сексуалните работнички, желбата за доминација па сѐ до големите теми на љубовта и смртта.
По проекцијата на филмот, режисерот Гоце Трајковски заедно со екипата се поклони пред присутната публика и се заблагодари на професионалниот тим кој застанал зад еден млад режисер со идеја да направи добар филм. Тој, исто така, им порача на посикусните филмаџии да застанат зад секој млад режисер кој има идеја и да му помогнат за нејзиното остварување.
4. „Доволно возрасни“ на Горан Столевски
По исклучително добрата проекција на филмот „Ти не си сама“ на затворањето на минатогодишниот Cinedays, Горан Столевски се враќа на истото платно со новиот филм „Доволно возрасни“. Вистинско естетско радување за публиката која можеше да ужива во филмот кој е светска љубовна приказна со балкански шмек.
Филм за една квир љубов која е сместена во далечната 1999 година и која сѐ е уште е под балканските стеги, иако сместена во Aвстралија. Младиот танчер Никола на едно возење кон непознато место за да ја земе неговата мамурна партнерка Ебони, се себе-открива и воспоставува интимен со братот на Ебони, Адам. Преку едноставната приказна низ која се испреплетени реминисценции за војната во Босна, книжевни осврти на делата на Шекспир, Борхес и Кафка и микс на музика од француски шансони па до „Ти си ми у крви“ на Здравко Чолиќ гледачот е воден низ квир приказната на Никола и Адам.
Иако обработува стандардна љубовна геј приказна, сепак Столевски во овој филм вметнува нестандардни моменти за филм кој има „западна квир“ приказна, а тоа е особено видливо преку однесувањето и дијалозите во семејството на Никола, посебно кога го кометираа негледањето фудбал уште од младите години на Никола и тоа дека „знаеме каде води читањето нови книги“, па сѐ до неговото отфрлање од семејството кога дознаваат за неговата сексуална ориентација. Прилично балкански елементи кои непретерано беа вметнати во филмот.
Избегнувањето на еротиката и секс сцените изведено на многу елегантен начин преку крупните кадри и погледот на актерите преку кои единствено се чувствува сексуалната тензија беше уште една од вештите алатки на режисерот и камерата. Ваквите крупни кадри кои беа присутни низ речиси цел филм додаваа на силината на приказната и нејзиното пренесување до публиката.
Филмот „Доволно возрасни“ дефинитивно влегува во листата на нестандардните филмови од македонски режисери и меѓу филмовите кои не го оставаат гледачот рамнодушен и тој дефинитивно отвора нови храбри прашања и дилеми.
Среќен сум што Cinedays ја продолжува праксата на прикажување македонски филмови што е многу, многу значајно кога се зборува за изградба на еден македонски, свој, уникатен културен идентитет и изградба на македонска филмска, но и општо уметничка сцена која треба и е сѐ повеќе препознаена!
Фото: Официјална ФБ страница на Cinedays // Култура Бета
Comments