top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

ẞ-муабет со „21 ВЕК“ за претстојниот прв самостоен концерт

Секогаш е и најтешко и најблагодарно да се свири дома


21 Век е скопски бенд составен од Васко Атанасоски, Дени Крстев и Раде Јордановски. Имаат извадено два албуми во 2020 година - „1“ и „2“, а во 2021 го вадат својот трет албум, „Си нацртав живот“. Настапуваат секаде, и низ Македонија, и низ регионот, и низ Европа. Арно ама, самостоен концерт досега немале никогаш. Можеби се должи на нивното име, а можеби и не, но ми се чини дека ова трио многу добро знае да го погоди времето. Па така, нивниот прв самостоен концерт ќе се одржи на 1 септември, петок, на домашен терен, во МКЦ, заедно со претставниците на новиот македонски бран - Vagina Corporation, Red18 и Мариналеда. Веќе два и пол месеци чекам да дојде овој концерт, па во таа чест, поразговарав со бендот за престојниот настан на годината, за одговорноста и меракот кои доаѓаат со свирење дома, за љубовта, за дваесет и првиот век како доба и надежта која тој ја носи со себе, а на крај конечно дознаваме и што би го прашале Караманов Ацо.


21 Век се најприродниот љубовен, скопски, македонски и вистински рокенрол бенд.


Се гледаме во петок во МКЦ!


Калина: Во овој состав, 21 Век постои веќе речиси цели пет години. Низ овие години, како бенд извадивте три албуми, освоивте неколку меѓународни и регионални награди, ја преживеавте и концертната (но сепак не и музичка) суша наречена Ковид-19, направивте голем радио хит, настапувавте на многубројни фестивали и во Македонија и странство, а сепак, престојниот концерт е ваш прв самостоен концерт. Зошто чекавте и чекавме дури пет години?


Дени: Концертов ќе се случеше многу порано (април 2020) да не беше пандемијата. Многу работи ќе беа различни да не се случеше пандемијата, имавме испланирано и долга Европска турнеја за тој период, што исто така не се случи. Сепак, песните убаво ни узрејаа за овие две-три години и мислам дека е можеби и подобро што сега ќе го направиме тој концерт.


К: Како што веќе напоменав, во странство настапувате често. Патувавте и летово, а претходното лето заедно со бендот на Дина Јашари бевте на регионална турнеја низ Хрватска, Словенија и Унгарија, а претходно и во Босна и Херцеговина. Но, како што некако е ред, вашиот првиот самостоен концерт ќе се одржи во Македонија, и тоа баш „дома“, во срцето на Скопје, МКЦ. Која е разликата помеѓу настапувањето во странство и кај нас? Дали срцето е таму каде што е домот?


Д: Секогаш е и најтешко и најблагодарно да се свири дома. Секој вистински скопски бенд сонува за полна Денсинг сала, па така и ние. Во ехото на таа сала можат да се слушнат многу концерти на легендарни автори од овој регион и пошироко, па сакам да верувам дека и нашата музика ќе остане таму засекогаш.


Раде: Секој концерт, односно секоја можност, било каде, во живо да се отсвири и пред публика да се презентира материјалот кој како бенд сме го креирале, само по себе е многу убав момент, ултимативно задоволство за еден музичар. Но, дома си е дома. Не претенциозно, патетично или поради некаков усилен локал патриотизам. Едноставно, тоа е нашата природна средина, сѐ што твориме и пееме е рефлексија и производ на таа средина, дури и кога тоа е потсвесно, ненамерно. Во Скопје сме родени и пораснати, во МКЦ сме биле првпат на концерт, нѐ врзуваат толку многу работи. Па и голем дел од посетителите, без разлика дали лично или индиректно, ги познаваме.


Во нашиот случај, тоа што пееме на македонски јазик, исто така има огромна улога. Луѓето некаде воопшто не го разбираат, некаде (во поблискиот регион) разбираат по некој збор, но сепак повеќе „се возат“ на музиката, комплетната емоција при изведбата. Тука е сосема друга ситуација. Тука секој збор, секој стих си го има своето вистинско значење.


Инаку, и сега, и историски, постои она клише дека македонските бендови и музичари прво се препознаени и поддржани надвор, па дури потоа во Македонија. За жал, има многу вистина во тоа, има и во нашиот случај. За причините можеме да дискутираме во некоја друга прилика, но сепак сметам дека легитимитетот секој бенд прво треба да го заслужи и добие во својата средина. Затоа и меракот, но и одговорноста се најголеми токму на домашен терен, друга е тежината. На пример, искрено би се радувал кога некој бенд од Битола би настапувал на Вембли во Лондон, но тоа е многу тешко да се случи ако прво не го наполнат стадионот Тумбе Кафе во Битола. Дури и да се случи, нема да го личи, нешто ќе недостасува во приказната.


К: При една од последните најави за престојниот концерт, МКЦ пишуваат: „Има една разлика во настапите на Васко и екипата, во однос на сите останати концерти во светот. Кај првите - ти си концертот. Кај вторите - ти си гледач.“ Од моето лично искуство, можам да потврдам дека е чиста вистина. Што е клучот за добар концерт, и како настапувач, но и како публика?


Р: Клучна е искреноста. Тоа мислам дека лесно се препознава. Кога вистински стоиш позади она кое го свириш и пееш. И публиката секогаш е интегрален, незаменлив дел од целината наречена концерт. Тој концерт постои пред сѐ заради тие луѓе. Во друг случај, ние би си ја изведувале нашата музика само за нас, во студио или во просторија за проби. И исто толку би уживале во неа.


Од друга страна, во машинеријата наречена музичка индустрија, има и други типови на концерти. Не е проблем и ако бидеш само гледач, тоа си е така по редот на нештата, јас сум гледач и слушател на секој концерт каде што не настапувам, сакам да видам и чујам што тој бенд претставува. Но работата е во тоа што ќе видиш и дали некој ја потценува твојата интелигенција, па на крајот и твоите средства кои си ги одвоил/а за тој концерт. Можеби ќе видиш добро шоу, можеби не. Членовите на бендот ќе направат од себе кловнови, мајмуни и сѐ што треба во функција на спектаклот. Ако треба ќе подивеат на сцената, ќе има добар материјал за по социјалните мрежи итн. А потоа, ако ги видиш во приватниот живот, нема да ги препознаеш, сосема други луѓе… и ќе ти кажат, „сѐ е тоа само шоу“. Да, само што по мојата логика тоа се нарекува циркуз или можеби театар, не концерт. Но, секој со своето, кои сме ние да судиме или оценуваме. Нашата публика знае дека и кога сме кловнови, навистина така се чувствуваме. Бидејќи на нашиот филм, самите сме си режисери и сценаристи.


Васко: Мислам дека лесно се спојуваме со луѓето затоа што во ништо не се истакнуваме, никому не пречиме, а си ја тераме нашата работа прилично добро. Луѓето приметуваат дека ни е убаво додека свириме и свесни се дека тие имаат голем придонес во тоа, затоа што ние тие песни ги свириме само за нив, луѓето кои сакаат да ги слушаат нашите приказни. Ние сме како обичен млечен сладолед со малку чоколадо преку него, знаеш дека има многу подобри од него, ама никогаш нема да те разочара ако го земеш.


К: Не знам дали музиката на 21 век може да се опише како социјално или политички ангажирана, барем не на начин на кој тоа може да се каже за некои од вашите претходни бендови, но барем за мене лично, она што ме привлече кај вашиот бенд беа токму оние општествени набљудувања, коментари, критики, особено во првите два албуми. Откако излезе третиот албум, „Си нацртав живот“, сфатив дека пред сѐ, 21 Век во својата срж е љубовен бенд, што и да значи тоа. Која е вашата бендовска филозофија? А, што со дваесет и првиот век, не како бенд, туку баш како век, како доба?


Д: Па без љубов, нема постоење. Ги сакаме луѓето околу нас, овој град, музиката... Секоја социјално-ангажирана песна е напишана од љубов, за подобро утре, за сите нас.


В: Во нашите песни се пее за две работи: Љубов и Македонија. 21-виот век не е толку лош и треба да му се даде шанса, особено ако се присетиме на минатите векови. Очекувањата од него беа нешто како 40 гола по сезона, а разочарувањата настанаа кога добивме замо 35. Алооо, 35 гола не се малку, и да го искористиме овој момент за да се потсетиме дека во споредба со чудото на животот, 100 години (во секој смисол!) е битно како човек кој шутира топка подобро од другите. Сакав да кажам дека 21 век (како доба!) нѐ натера да мислиме дека живеење 80 години не е доволно добро и дека сите треба да живееме во Дубаи и секој ден да е Велигден. Ако на ова ги додадеме кризите со идентитетот и гнасните навики како војната, аристократија и богаташите тогаш во денешницава добиваме нешто со кое што како човештво првпат се соочуваме. Мислам дека 21-виот век ќе нѐ натера да научиме некои работи за себе и дека крајот ќе биде среќен затоа што ние луѓето иако знаеме да бидеме ужасни, сепак на крајот на денот (или векот) и не сме за фрлање. Само уште да разбереме дека сите ужасни работи во овој век доаѓаат од нашата неспособност како луѓе да сакаме искрено, живееме и умираме чесно, признаеме пораз и се сожалиме или восхитиме на некого, и на коњ сме.


К: На концертот со вас ќе настапат и три бенда кои припаѓаат на новиот бран на македонската алтернативна музика - Vagina Corporation, Red18 и Мариналеда. Вие сте на сцената веќе две децении, па сте виделе раѓања и умирање на многу бендови, многу младост и многу нова енергија. Што е карактеристично за овој особено плоден бран на домашно творење?


Д: Сите се паметни млади луѓе што имаат амбиција и не ја кријат таа амбиција. Тоа е многу важно за секој бенд, да е подготвен да гризе и да не се помирува со „македонските стандарди“.


К: За крај, морам да прашам нешто што ме копка од првиот момент кога почнав да ве слушам - кога би го прашале Караманов прашање ил две, што би го прашале?


В: „Знаеше ли дека си толку добар поет?“ и „Омилено овошје?“


469 views
bottom of page