top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

(Не)присуство на социјални мрежи и онлајн пуританци

Во последната колумна пишував за начинот на кој ги користиме социјалните мрежи за време на војна, криза или било какво глобално случување. Сега си мислам и си велам, о, колку е досадно да се зборува, но и да се слуша, чита или гледа за социјални мрежи кога тоа е тема која постојано и постојано се разгледува од најразлични перспективи. Па, зарем не е секој есеј на англиски (или на било кој (странски) јазик кој се изучува) во последниве 10 години, во училиште и/или на курсеви секогаш токму за таа тема? Е, а мене секогаш ми била тоа една од работите за кои се мачам да пишувам, иако ме засега. Но, денес беше еден од ретките пати во животот кога во момент на слабост добив потреба да деактивирам сѐ, само зашто сум имала некој млитав ден и првпат не ми досадно да зборувам за ова. Затоа и решив да пишувам. Зошто една од првите нешта кои сакаме да ги направиме кога се стремиме кон промена на било кое поле во животот се токму социјалните мрежи?


Ме има на секоја можна апликација чија цел е комуницирање со луѓе и креирање содржини (освен на Тик Ток). Не само што имам профили, туку речиси секаде сум многу активна. Песните што ми се допаѓаат ги споделувам на стори, книгите, филмовите, статиите, исто. Ги сликам луѓето околу мене и нив ги објавувам. Се сликам сама себеси често. И тоа го објавувам. Колумните кои ги пишувам или работите со кои се занимавам и ме прават горда ги споделувам исто така. Никогаш немам деактивирано ниедна социјална мрежа. Не сум имала потреба. Поминувам многу часа на ден листајќи напразно. Поминувам многу часа на ден гледајќи, читајќи, слушајќи корисни, паметни и информативни нешта исто така. Активна сум, досадна, напорна и претерувам. И што правиме со тоа?


Причината поради која денес добив потреба да деактивирам сѐ беше токму поради тоа. Затоа што сум преактивна, предосадна, пренапорна и премногу претерувам. Не дека мене некој така ми кажал, ниту па дека јас објавувам зашто чувствувам притисок или потреба или зашто сум зависник. Објавувам кога сакам да објавувам и ако тоа е често, нека биде. Но, кога сум соочена со моралната супериорност која од време на време ја прикажуваат оние кои не објавуваат често или воопшто, оние кои можат да си ги деактивираат профилите и да им биде баш супер и воопшто да не им недостасува за да се вратат, често се чувствувам глупаво, плитко и просто. Откако ќе слушнам (или, не сум горда на ова, но кога јас самата ќе кажам) муабет од типот: „А, бе види ја онаа, цел живот мора на инста да си го постира“, многу работи почнуваат да ми стануваат јасни.


(Не)присуството на социјални мрежи станува ново мерило за морал. Најарен си ако не објавуваш ништо зашто така си попаметен, позрел и така сигурно водиш поисполнет живот, зашто нели, ти уживаш во моментот, а не мислиш на тоа да се сликаш за да ставиш пост, лајкови ти се тебе банални и простачки. Доколку веќе објавуваш, тоа е пред сѐ ретко и е единствено интелектуална содржина. А, тие што објавуваат повеќе од два пати месечно се опседнати зависници, немаат живот и мислат само на каква слика оставаат на интернет и сѐ прават за внимание! Така? Е, па не.

Од очигледни причини кои ми е веќе навистина досадно да ги повторувам, луѓето се загрижени за ефектот кој социјалните мрежи го имаат врз сите нас, па токму затоа е пристутен тој претпазлив однос кон нив кој секако дека го делам и јас и целосно го разбирам. Но, онаа појава за која зборувам е нешто сосема друго. Стануваме онлајн пуританци, заштитници на моралот и вистинските вредности! Па, како не сфаќаме дека повторно и повторно, несвесно се доведуваме до судење на туѓите одлуки за нивното онлајн присуство. Па, слободата за која толку многу сакаме да зборуваме е сосема спротивна од она кое го правиме, критикување на начинот на кој луѓето сакаат да ги користат сопствените профили на социјалните мрежи. Не дозволуваме време и простор за запознавање на личностите, туку автоматски одлучуваме дека објавуваат слики од плажа или од журка или од некој настан за да се пофалат, да бидат забележани, а не зашто ете, едноставно, сакале да споделат убава слика со луѓето кои ги следат. И ништо повеќе од тоа.


О, интернету! О, човеку! Вечно судење, вечен лажен морал и вечна изглумена супериорност. Ќе научиме ли некогаш правилно да постоиме на социјалните мрежи? Постои ли „правилно“ користење на социјални мрежи или секој треба сам да си одлучи како сака да си ги води личните профили? Која сум па јас да кажам. Но, можам да кажам дека уште не сме ни на пола пат од разбирањето на виртуелната реалност, а ова е само почеток.






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.


コメント


bottom of page