top of page
Writer's pictureИван Николов

NFTS? Не, фала

Од самиот почеток нагласувам дека оваа колумна е продолжение на мојата претходна колумна ,,Крипто? Не фалакаде што пишувам за многу слична појава, која е базирана врз истата основна технологија, но цели кон тоа да има различни функции во нашето секојдневие. Денес ќе зборувам за NFTS и зошто тие не се иднината.


Најпрво би сакал да започнам со дефиниција за NFTS. NFTS (Non-fungible token) се дефинирани како уникатни крипто средства кои се единствени од својот тип и дека нема ниедна друга копија или верзија од тој одреден токен. Со нив може да се пренесуваат информации за самиот токен од еден корисник на друг. Тие информации се: кога е произведен овој токен, кој го има произведено, кој бил претходно сопственик итн. Најлесната споредба што може да се направи е со уметничките дела. Еден токен можеме да замениме со, на пример, Мона Лиза. Постои само една верзија од Мона Лиза и таа се наоѓа во музејот Лувр, во Париз. Вакво познато уметничко дело лесно може да се потврди дали е фалсификат или не и каде му е моменталната местоположба, како и претходните сопственици. Ако видиме други копии од Мона Лиза, веднаш знаеме дека тие се фалсификати, но ова е практично невозможно да се одреди за голем дел од другите уметнички дела. За да се спречи овој проблем, измислени се NFTS кои сакаат да решат други проблеми. Да речеме дека јас како уметник сум нацртал уметничко дело и сум решил да го продадам NFT-то на некоја галерија. Во таков случај, тие не се 100% сопственици на тоа дело, туку само на одреден дел со кој можат да прават што сакаат. Тие имаат дозвола да го прикажуваат во својата галерија и потоа да го продадат. Меѓутоа, јас на секоја трансакција би добивал одреден дел, во зависност од тоа како е испрограмирано. Овој цел процес е основан врз криптовалутата Етериум што се наоѓа на block-chain и според тоа се одредува вредноста. Звучи утописки и пресовршено, како да ги решава сите проблеми во уметничкиот свет. Дали е премногу добро за да биде вистинито? Одговорот е да, повторно е измама.


Некои уметници ги користат NFTS за да ги монетизираат своите уметнички дела и да се ослободат од своите претходни работни места со цел да ја следат својата желба да бидат уметници независни од надворешни фактори. Најпознатиот ваков случај е американскиот уметник Beeple кој што го продаде ова уметничко дело Everydays за 69 милиони американски долари.

Јас лично не би дал 69 милиони долари за една дигитална слика (односно делумна сопственост), затоа што можам да ја копирам… исто како што направив и баш сега во оваа колумна. Оваа голема цена се доби при наддавање на аукција и вештачки е крената да биде толку висока. Односно, тоа е pump and dump шема која е направена за NFTS да го зафатат нашето колективно внимание (патем, ова исто така беше направено од крипто брос за да се промовира технологијата). Но, има разлика помеѓу еднаш да се направи за благородни цели и констатно да се случува, па ќе ви дадам неколку примери.

Ова е NFT од колекцијата BoredApeYachtClub купено од Еминем, за вредност 452 000 американски долари. Вреди, нели?


NFT купено од американскиот водител Џими Фалон за вредност од 216 000 американски долари. Сите овие познати личности го прават ова за да ги промовираат своите NFTS и да им расте цената (крипто брос).

NFT купено од Џустин Бибер за 1.3 милиони американски долари.


Сите овие се од колекцијата BoredApeYachtClub, галерија што треба да симболизира дека вие сте влијателни во општеството и што треба да ви донесе големи придобивки при нејзиното членство. Ќе можете да влезете во дискорд сервери каде што ќе можете да комуницирате со влијателни луѓе од целиот свет (кои исто така се поседувачи). Покрај тоа, можете да добиете информации во врска со издавање на нови NFTS и да сте први на пазарот при нивното купување за да ги препродадете за поголема вредност. Одредени галерии ветувааат дека имаат купено остров и секој соптвеник ќе може да го посетува. Многу ветувања, а всушност ништо.


Лесно се забележува дека сите ,,уметнички дела“ се слични помеѓу себе и како да нема никаква душа во нив, што е точно. Тие се направени со помош на вештачка интелигенција која прави комбинации од веќепостоечки NFTS, но со мали измени, пример, наместо црвена коса, косата ќе е зелена или ќе носи капа, наместо наочари. Капитализмот успева!


Заради оваа природа на NFTS (масовното производство при никаков труд), постојат NFTS од буквално сѐ. Има програми што земаат видеа од Јутуб и ги сечат на 5 секунди и ги прават во NFTS, симнуваат слики од интернет и ги прават во NFTS. Па дури има и NFTS од дигитална земја (да, точно прочитавте). Можете да платите за да сте сопственик на ДИГИТАЛНА земја што може да постои бесконечно многу пати во Metaverse (нешто што не постои, но ќе биде иднината!!).

Компаниите го забележале овој тренд и сакаат да екстрахираат колку што можат повеќе и сите се во процес на создавање свои NFTS, притоа доколку вие сте сопственик на нивен NFT ќе добиете привилегии додека ги купувате нивните продукти. Ова ќе биде штетно за сите освен за компаниите, затоа што тие ќе ги кренат цените заради попустите што ќе ги добиете за да се изедначат со претходните цени. Тие ќе прават поголем профит, меѓутоа ти ќе го плаќаш истото, само ако имаш нивен NFT.


Во врска со уникатноста, и тоа е лага. Вие не сте единствениот човек што го поседува тој NFT и ја немате оригиналната копија, затоа што тоа е невозможно. Тоа мора претходно да се произведе на еден компјутер и потоа да се пренесе информацијата на вашиот… а во меѓувреме првичната верзија постои на првиот компмјутер. Многу луѓе плаќаат за да се асоцираат со еден линк, а не да бидат сопственици на тој линк.


Тие се базирани врз криптовалутата Етериум и тоа значи дека користат огромни количини на енергија при секоја трансакција, а нивното постоење е направено само за да се прават трансакции. Така што, логично е дека тие се штетни за околината. А моментално сме во време кога има економска криза (и пандемија, не заборавајте) и цените лесно варираат. Подобро за сите би било да се вложуваат сите овие пари во нешто што ќе му помогне на човештвото, наместо да се измислува ваков футуристички фиктивен капитал што само ни штети.


Да не биде дека само критикувам и дека не давам никакво решение, ќе дадам решение на проблемот. Постојат други начини за да се поддржуваат уметници низ целиот свет. Никогаш тоа не било полесно отколку сега. Еден од најпознатите начини е со помош на Patreon. Patreon е страница преку која што можете да извршите донации на уметници, писатели, новинари, фамилии на кои што им се потребни помош и средства итн. Доколку сте уметник во 21-ви век, вие имате Patreon и така се снабдувате со пари.


После сето ова имам едно прашање за вас: дали сте спремни да купите Argeta NFT?






 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.



Comments


bottom of page