top of page
  • Writer's pictureКултура β

β-предлог книга на неделата: „Средбата на Вулкан и Минерва“ - Георгина Петреска

Во новото издание на β-предлог книга на неделата се запознаваме со стихозбирката „Средбата на Вулкан и Минерва“ од поетесата Георгина Петреска. Иако сè уште неиздадена, сепак ја објавуваме во оваа рубирка со две цели: најпрво да ја промовираме како добитник на наградата Антев Часовник (награда за најдобар поетски ракопис од автори до 25 години) и, второ, да се запознаеме со нашиот нов член на тимот на Култура β и наша нова редовна колумнистка.

Георгина Петреска има седумнаесет години и е трета година во меѓународната IB паралелка при СУГС ,,Јосип Броз – Тито”. Твори уште од својата најрана возраст и има освојувано голем број на регионални, државни и меѓународни признанија за своите литературни дела. Позади себе исто така има и една издадена стихозбирка под наслов ,,Зрак од полна Луна’’. Според неа, поезијата и уметноста вооошто се духовен протест и единствена вистинска магија којашто ја поседува човештвото. Нејзината цел е да разбуди што поголеми чувства кај читателот и го насочи да погледне надвор од понудената призма (всушност тоа е и вистинската мисија на поетот). За себе вели дека неизмерно ја сака слободата и индивидуалноста, но и способноста на човекот непрекинато да се продлабочува и трансформира себеси. А, токму оваа шанса за истражување и реконструирање на своите ставовови ја добива како редовен член на дебатниот клуб МОФ. Во слободно време освен со пишување и дебата се занимава и со волонтирање, како член на невладината младинска организација Еквалис.


Кога станува збор за стихозбирката, темата е една симболична смисла на средбата на огнот и мудроста. Преку отсликување на животното патешествие и истражувањето на реалноста, прашањето на судбината и постоењето, во приказната за двајца вљубени (доловени преку ликови од римската митологија).

Во септември годинава, стихозбирката станува и добитник на наградата Антев Часовник (награда за најдобар поетски ракопис од автори до 25 години), со едногласна одлука од комисијата во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), под следново образложение:

,,Поезијата е вистинско откровение во овој наш поетски миг. Нејзината поетска душа, наспроти нејзините 17 физички години, изгледа како душа на некој стар поет-мудрец. Фасцинантно поетско писмо, за кое, кога го читате, а не ги знаете годините, би помислиле дека станува збор за целосно зрел поет. За што и да пишува, а пишува за сѐ (тоа е убавината на младиот поет), таа пишува густо емотивно, но и митски-архаизирано.’’


Во продолжение имате можност да прочитате три песни од „Средбата на Вулкан и Миневра“:



Се насмевнуваш...

Се восхитувам како ја пречкртуваш за миг

страшливоста од незапочнатото утро

и безнадежноста од завршеното пладне.

Како со потсмев си признаваш

за новата надеж и залудната доверба.

Се закикотуваш од беспомошноста

во која ги пресоблекуваш деновите.

А, сепак ништо не е повоочливо на светот

од твоето тивко, несигурно смеење

и ништо повеќе не го привлекува

моето и вниманието на боговите

од твојата силна, сеприсутна насмевка.

И co тoj искрен радосен потсмев

ме тераш повторно да верувам во слобода.


Кајшто живеат пердуви


Небото се осветлува во неонски бои

кога волкот оди на милување со месечината

и секој допир се слева во тишина

точно помеѓу зората и изминатото време.

Со само еден крик

започнува новата воздушна епоха.

Се извива и животот

низ ноздрвите на смртта

како расеано брашно низ железно сито

и паѓа кротко врз лицето на Земјата.

Под неа се ронат коските на борецот

чија крв се излева во сокот на овошките

додека кожата му се претвора во струганица.

А, гласот негов се разделува на сите.

И секаде од таму

и секаде од ваму

и секаде натаму

живеат пердуви.



Јалово и блажено е времето

кога ноќта како прегладнето животно

ја глода со сласт волјата на разумот

оставајќи трошки на твојата перница.

Некои луѓе ја нарекуваат заспивање

маршутата на телото низ разобличеноста

кога тоа станува јаден бездомник

клекнат на мостот на преродби

со испружена рака кон

познатите нежни минувачи

со кои еднаш живеел куќа до куќа

и пиел од иста чаша страсти.

На овие луѓе не им верувај!


Инаку колумните на нашата нова редовна колумнистка, Георгина Петреска, може редовно, веќе од минатата недела, да ги читате на нашиот сајт.





181 views
bottom of page