top of page
  • Writer's pictureКалина Качоровска

Вреди ли лутината?

Уморна сум од читање црна хроника. Уморна сум од ветувања. Уморна сум од лажни оставки. Уморна сум од плачење по жртви. Уморна сум од жалење трагедии. Што со мојата, што со колективната тага? Што со тоа кога утре пак ќе има нова тажна вест позади која ќе стојат истите виновници и причини и пак и пак и пак нема ништо да се смени? Е, па, затоа веќе не ставам тажно смајли на постови на Facebook, туку со луто. Веќе не треба да сме тажни, туку лути.


Во последно време забележувам дека на одредени катастрофални случаи реагирам на начин на кој никогаш не сум мислела дека ќе реагирам на било што – рамнодушно. Не дека не ме боли, не дека не ме растажува и не е дека нештата не ги сметам за страшни, важни или големи. Едноставно почнувам да гледам на трагедиите како наредно делче од низа. Како уште една цигла во ѕидот. Како уште една неказнета несреќа во венецот на несреќи кои се случуваат веќе толку време наназад. Сега сум вкочанета, имуна на лоши вести, како да не можат да ме допрат, како да не можат да ме повредат, како да не е ништо ново. Колку страшно! Колку загрижувачки! Колку себично! Можеби од една страна тоа ми е одбранбен механизам, начин на кој се обидувам да се оградам себеси од болката која целиот овој период наназад ја носи. Ако се потресував на секоја несреќа, ако секој колективен проблем го сметав за крај на светот, како воопшто би издржала? Па така, со цел да се заштитам, станувам тоа што секогаш сум го мразела најмногу – индиферентен циник.


Знам дека не треба да е така. Мразам што е така. Знам како треба да биде. Велам да бидеме лути. Да покажеме не само дека е болно што се случува тоа што се случува, туку дека е срамотно, скандалозно, одвратно што никој никогаш не презема никаква одговорност, што секогаш знаеме кој е виновен, секогаш знаеме зошто работите се такви какви што се и дека не е случајност што секој месец имаме денови на жалост, туку дека тоа е продукт на корупција, небрежност, опортунизам, непотизам. Па и кога по некоја случајност очигледната вина е признаена, од одредена група на луѓе тоа признавање е пофалено како доблесен чин?! Но, дури ни признавање на вина од страна на виновниците не е доволно за тие да се соочат со било какви последици. И пак се вртиме во круг. Следен месец нови пожари, нови сообраќајки, нови скандали, нови „нема да се повтори“, нови „ги истражуваме причините“, нови црни профилни фотографии и нови промени кои никогаш не се случуваат.


А, луѓето не е дека само тажат! Тие се лути и реагираат бурно! Ама добро, како да верувам дека реакциите значат било што? Како да верувам дека зборување, пишување, пеење, творење, Facebook статуси, твитови, колумни, статии, видеа, интервјуа значат протест кога протестот треба да носи преобразба, а преобразбите ги нема. Како да верувам дека било што што правам може да смени нешто, иако постојано велам дека може, а ништо тоа не го покажува?


Пред некое време имав колумна за цинизмот и моето длабоко несогласување со тој начин на размислување и живот, а сега некако не можам ни да го обвинувам. Ама, нема да си дозволам да си ги прегазам суштниските вредности и нема да бидам индиферентна и цинична. Нема да седам мирна. Нема да си дозволам на трагедиите да гледам како нормално нешто кое мора да се прифати како неминовен дел од живеењето во државава и светов. Не! На трагедиите треба да гледаме како нешто ненормално кое не може и не смее да се прифати како неминовен дел од живеењето, туку како поттик за понатамошна бура и борба против неправдата (во еднина, зашто сите посебни неправди се резултат на истите нешта), како уште една од многу причини зошто е време за радикална промена и нови денови. Не може да сме пораснати со Кочо Рацин и да молчиме. Нема, и ќе бидам претенциозна и ќе кажам дека ќе дојде време кога:


„силно

светнал

ден“.


452 views
bottom of page