Иако сум израсната во фамилија во која со генерации наназад се негува особена почит кон македонштината, кај мене дома се слуша македонска музика, се гледаат македонски филмови, се читаат македонски книги, се зборува за македонската историја, се запазува македонскиот јазик, правопис и правоговор, се дискутира многу отворено за сите теми кои се преплетени со бидувањето Македонец (или во мојот и случајот на сестра ми, полoвина Македонки, половина Полјачки) и сето ова без никакво форсирање, туку на многу природен начин, сепак, сфаќам дека јавно, ретко кога покажувам приврзаност со тој дел од мене. Сега се прашувам, зошто е ова вака не само со мене, туку со најголем процент од младите луѓе во мојата околина? Зошто се срамиме од македонското?
Обидувајќи се да си одговорам на прашањето, гледам дека, за жал, одговори во било каква форма има илјадници. Толку многу што дури постојат моменти кога не можам ни да ја обвинувам таа непривлечност, тој срам, затоа што истите се присутни и кај мене.
Уште додека сме мали, особено почнувајќи со неколку генерации пред мене, а продолжувајќи и ден денес, учени сме дека тука работата не ја бива, дека не ни чини ништо и дека нормално, животниот пат е надвор од тука (слично на она кое го пишуваше Ана во нејзината последна колумна). Па така, со тоа, уште од најмала возраст се гради одредена одбивност. Така и се однесуваме, природна рекација на години и години попување за неспособноста на оваа држава водат до тоа дека доколку се сметаме себеси за вредни, нашиот потенцијал не сакаме да го потрошиме тука, каде истиот нема да биде искористен поради очигледната партиска поделеност и криминалниот начин на кој сѐ се одвива. Зошто да имам убави чувства за земја која нема да ми пружи достоен живот кој го заслужувам? Зошто да почитувам земја која секако ќе ја напуштам кога ќе дојде време? Така? Е, па, не баш.
Секако, како одговор не можам, а да не го споменам и она кое веќе го начнав во мојата колумна за американизацијата на културата и уметноста, а тоа е фактот дека токму поради нашата огромна љубов и почит кон ветениот запад и нивните толку прогресивни идеи, вредноста на сѐ она кое не ги исполнува критериумите за дело достојно колку американското, паѓа во вода. „Брат, остај сеа ти тоа, македонска работа, сељачана.“
Она кое мене лично ми се јавува како најголем проблем при јавно искажување на љубов кон Македонија и македонското не се јавува толку како резултат на вистинските, длабоки претходноспоменати проблеми, туку поради она што нашето општество го поврзува со придавката „македонско“. Сам по себе, тоа не е лош збор, не е страшен збор, не е срамотен збор. Лошото, страшното и срамотното е она со кое тој се поврзува. Имено, во моите уши, а очигледно и во ушите на младината, па и на сите оние кои тука живеат, овој збор и ова гаење на љубов и почит кон својата земја се поврзува со една многу специфична, ноторна група на луѓе со која (со право) никој не сака да биде поврзан. За моја огромна жал, синоним за „македонско“ се работи кои се далеку од нивната суштина, веројатно поради целосно погрешниот пристап кој се појавува особено во последните 10-15 години. Следствено на тоа, не е шокантно што ретко кој сака да биде поврзан со збор во кој одѕвонуваат шовинизам, национализам, сексизам, хомофобија, чукање во гради само и единствено за нашето, само и единствено за она кое ни е познато, а плукање по сѐ она кое е надвор од нашите граници. (Јасно е на што алудирам тука, па за да бидам фина и културна нема да споменам конкретни имиња.)
А сепак, ме боли од причина што тоа во ниеден случај не е суштината. Љубовта за земјата која те израснала не е и не треба да биде срамотна, не е и не треба да биде табу тема, не треба да остане неискажана. Еве, погрешно ли е песните од Анастасија да ми бидат омилени на овој свет и да ги доживувам многу поискрено од било која друга странска музика? Погрешно ли е секој Илинден во Лазарополе да им се радувам на Мајовци? Погрешно ли е кога ги читам стиховите на Петре М. Андреески „Кога ја љубев Дениција како да учествував во создавањето на првата Македонска Држава“ да почувствувам нешто кое ретко се чувствува? Погрешно ли е што си се гордеам со Кочо Рацин? Што се радувам на успехот на „Медена земја“? Па нормално дека не е! Е, затоа ме боли. Затоа ми е криво што секогаш кога некој тоа го прави јавно, мора да биде поврзан со група која ја вулгаризира придавката за која толку зборувам. Во тоа е погрешното, а не во ова другово.
И што да кажам вака за крај? За да заокружиме? Еве, ќе си посакам сама на себе и на сите оние кои се во иста ситуација (а тоа се 95% од младите околу мене) да се ослободиме од стегите на товарот кој зборот „македонско“ го носи. Да научиме да престанеме да го романтизираме и величиме туѓото, а мразиме своето, а сепак, да научиме дека љубовта кон своето не треба да значи негирање на туѓото. Едно со друго тие не се исклучуваат. Можеме да бидеме отворени кон светот, а сепак заинтересирани за нас.
Comentarios