Читајте поезија од новата генерација! #2
- Култура β

- Aug 5
- 11 min read
Македонска книжевна сцена ја добива својата нова младинска генерација чиј дел се мноштво квалитетни автори и авторки кои веќе зад себе имаат неколку стихозбирки, учествуваат на домашни и меѓународни фестивали, преводи во странство, како и награди во Македонија. Во продолжение го претставуваме вториот дел од изборот на поезија од новата генерација македонски поети.

Заедно со песните споредлуваме и интервјуа што ги имаме правено со младите автори, како и фотографии од настаните на „Култура Бета“ на кои тие учестувале!
ГРАДОТ СЕ ТОПИ
Стефан Спасовски
Шеќерна волна
во устата
на едно палаво дете.
Скриј ја од дождот,
скриј ја од сонцето,
скриј ја од ветрот,
скриј ја од себе.
Скриј го детството палаво.
Затвори уста да не чуе никој,
затвори очи да не видиш содома,
затни го носот со бубаќ
да не осетиш дим.
Ќе те крштаваме тебе да бидеш ист,
па макар бил ти атеист.
Градот се топи ко восок од пчела
која го боцна детето во мене,
не оставајќи трага
по еден поминат ден.
*Песната е дел од стихозбирката „Ќумур смоквин млеч“ што беше наградена со наградата „Антев часовник“. Осврт за стихозбирката може да прочитате ТУКА!
ЕКОКОЖА
Филипа Сара Попова
Телото ми е сува црвена глина,
а душата преписка меѓу умрените богови. Сама,
како заспана риба пливам наопачки
во пресушена река. Барам
плисок на море, а увото
се претвора во скршена школка,
сета жед во ѓубриште
и секој жубор во асфалт.
Телото ми е сува црвена глина
која некогаш бдеела бујна вода. Сега
си бдеам над мртвата јас
ги бладам сите чинки, ги гледам сите обреди
се тријам до избледнување
се ѕверам во себе до исчезнување.
Повторно ја свлеков кожата,
ќе има ли нова овој пат?
*Стихозбирката „Скршен терариум“ беше наградена со наградата „Млада Струга“ на Струшките вечери на поезијата 2024г. Осврт за стихозбирката може да прочитате ТУКА!
ТВОЈА ЛИ Е ГРАДИНАТА, АЛИСА?
Андреј Медиќ Лазаревски
влегувам низ вратата, алиса
ја гледам градината
и таа е одвратна, алиса
во гробот се превртувам.
те замислувам и те мислам, алиса
играм покер, немам џокер
четири дами в рака
и еден крал скриен в ракав.
влегувам низ вратата, алиса
и гледам
како си ја прокоцкувам сопствената иднина.
одам, одам, одам,
љубам, љубам
се губам
имам четири девојки одеднаш, алиса
и еден крал ‒ дрег кралица
бегам и од традицијата
и од либералните вредности, алиса
а и двете ме држат
и ме влечат
налево, налево, налево
надесно, надесно, надесно.
не можам да избегам
ја затворам вратата, алиса
дома сум
се чувствувам како во твојата земја
како во твојата градина.
*Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ беше наградена со наградата „Енхалон“ на Струшките вечери на поезијата 2024г.
НЕПОДНОСЛИВАТА НЕПРИЈАТНОСТ НА ЧУВСТВУВАЊЕТО
Ивана Јовановска
не мислам дека е лесно да се чувствува
дека е пријатно и сосема океј
да се препуштиш, да веруваш и да знаеш
дека ништо што во суштина е за тебе не ти бега
па само да ги затвориш очите и да останеш со себе во мигот.
понекогаш сме само она што дозволуваме да бидеме
песните сакаат да се пишуваат на ист начин
одново истите теми го демнат стихот и одново сме исти
понекогаш стравовите се многу силни
понекогаш пак не дозволуваме да нè совладаат
и весламе жестоко на отворено море
понекогаш ми е гајле за сите очекувања од сопствените песни
и пишувањето тече слободно
и секогаш кога ќе излезе од мене
можам полесно да заспијам ноќта
не верувам дека е лесно да се чувствува сè,
да се допушти силно и интензивно да врне на рамењата
и тие полека да натежнуваат
ама не се сеќавам кој е другата опција
зашто не знам и како да не сум рефлексија на она однадвор.
НЕМА ВЕЌЕ СОНЧЕВИ ДЕНОВИ
Милена Сиљаноска
Сите се зад нас како минато
Бранот не светка
се прекршува
во бесшумен лак
свиткан како црковен прозорец
како усните
на безнадежниот морепловец
што се ниша на овалниот брег
Изгорен е венецот
Изгорев околу прстенот на сонцето
Котвата е фрлена
Нема веќе сончеви денови
И НЕМАМ ТАТКОВИНА
Бојан Станиќ
Не ни сакам да имам, добро ми е вака.
Мојот свет ми се изрони низ прстите,
беше кревок, сега е пепел,
молекулите на воздухот го здробија.
Јас сум крив, не требаше да го допирам,
или можда требаше да го приберам.
Наредниот ќе го градам внатре,
популација еден до двајца,
мала колиба во шумичка,
така нешто си викам.
И градина до колибата.
И цвеќиња.
И околу нас само дрвја.
Сами, заедно.
Без кралеви и кралици.
Без ѕидови и џелати.
И одвреме-навреме ќе ѕиркаме низ шумата
да не никне уште некоја куќарка.
НА ПАТ КОН ДОМА, САМА
Моника Стојановска
стави се на местото на моето тело,
можеш ли?
моето забрзано, забревтано, женско тело
во оваа летна вечер погалена од ветрот
влези во долапите на моите испотени дланки
што го тегнат фустанот под колената,
мојот фустан, што не смее да се разигра
за да не помислиш дека е покана за танц,
мојот фустан што спие над градите
кои ги затскривам зад шалот,
тоа свилено знаме на половина копје
во уште една вечер на жалост
кој си ти,
што зјапаш како триглав, лигав ѕвер,
со очи наполнети од она што ме празни?
нема казни, нема казни,
во овој свет нема казни
кој си ти,
кој го менуваш ритамот на мојот чекор?
кој си ти, штом мојата кожа ти е декор?
оваа кожа оптегната врз
кожата на таа зад мене,
и таа зад неа,
оваа кожа што мора да биде крута
за да не посакаш да провериш
дали пропушта
стави се на местото на моето тело,
ова тело што чува срце стегнато
како клучевите меѓу прстите
портата е секогаш далеку,
подалечна отколку што сакам да биде,
мојот дом е подалеку отколку што сакам да биде,
иако сум во него и штом го пречекорам прагот
не припаѓам никаде,
ако некој ме гледа како нешто свое
по којзнае кој пат
останувам без тло
по којзнае кој пат
останувам без сон,
а сите жени во мене се уморни
нема казни, нема казни,
во овој свет нема казни
ВО ПРАШУМАТА НА ДЕТСТВОТО
Павлина Атанасова
Само таму можат да заспијат
тажните луѓе. Кроце,
светлината се враќа во очите -
месечев зрак низ манастирски окна.
Можеби ќе видиш
зелени светулки во мракот
и најпосле тоа што тлеело
ќе се разгори.
МОЛОС ЗА МОЛОХ
Исток Ј. Улчар - Бела
Ко да е полн гнев бог,
црн цар в ум свеж свил дом:
на врв од тил клап кол,
а на фронт збрал луд полк.
Марш на ѓон со такт строг!
Ум е в лед лут ко гром.
Цар е в ќеф за туѓ бол -
со жед за крв, ко волк.
Се чу шум од смел рог -
скап дар за ум млад, штом
вод за спас од црн трол
на грд цар дал нож в колк.
Ум е пак чист од смог:
зрел е, стар - по тој лом.
Гнил под тло е цар зол.
Низ мир без крај - сал молк.
ДА ИМАВ СЕСТРА
Дамјана Видическа
Да имав сестра
ќе ја учев да не бара многу,
зашто, нели, женско е,
та не смее да биде алчна.
Да имав сестра
ќе ја учев да не препрашува,
зашто нели, женско е,
та не смее да знае премногу.
Да имав сестра
ќе ѝ купував темни партали
зашто нели, женско е,
та не смее да покажува кожа.
Да имав сестра
ќе ја советував да молчи,
зашто нели е жена
и мора да живее со ќутенката.
Да имав сестра
ќе ѝ викав да е послушна,
зашто нели е жена
и само така ќе најде маж.
Да имав сестра,
ќе ја обвинував,
зашто нели е жена
и таа си го бара.
Но за среќа, немам сестра.
Но опкружена сум од туѓи сестри,
потчинети од браќата свои,
послушни на татковците свои.
За среќа, немам сестра.
КРШЕЊЕ НА ИДОЛОТ
Андреј Ал-Асади
Се прашувам зошто
Убиецот е најдоверлив
Пред да го зарие сечилото
Длабоко во топлите бедра.
Се прашувам зошто
Поетот е најтивок
Пред да ја запише
Најтажната песна.
Но, ако можев да бидам
Тоа по што севезден копнеам,
Никогаш немаше да се привикнам
На тоа што навистина го живеам.
Јас сум прстен во бескрајната пустина,
Бисер во грлото на океанот.
Јас сум пепелав ѓердан врз шијата на зората,
Електрична судбина на срцето
Што топоти во пулсаровиот ритам.
Јас му давам смисла на просторот
И во мене времето се расплодува.
И најтивок сум кога имам најмногу за кажување
Најзлобен кога најмногу злоба сум сетил.
И затоа престанав да се прашувам
Зошто херојот е најпрочуен за делата
За кои највеќе се двоумел.
И зошто најголемите мечтатели
Се секогаш гробарите
На најголемите сништа.
*Песната е дел од стихозбирката „Рубедо“ што влезе во потесен избор за наградата „Браќа Миладиновци“ од Струшките вечери на поезијата во 2025 година.
ИЗБРИШАНИ ЛУЃЕ
Гала Матевска
Со молскавична брзина твоето сонливо око
прелетува врз мојот образ
и го загрева вечно
со солза од кокиче и лист од липа
ме освојувап во пајажината своја,
чекаш
да се приближи некој
што ќе вреди колку грст злато.
Следиш будно
низ тунелот на сончев зрак,
низ клучалката на капијата на радоста,
малечки луѓе како се движат
по земјата од соништата:
тече мед, мириса на дрен, пее славеј
-избришано е сѐ од колективниот ум
со лесна мелодија,
со свежа лутина
ги собираш како украсни фигури,
заробени во статичноста,
опеани и исплакани,
фрлени на пасиште,
меѓу други, избришани луѓе.
***
Викторија Ангеловска
ноќите се шумови
што се провлекуваат низ постелата,
сосема се кратки. кротко си заминуваат.
што ако тебе чувството во коските
ти е исто ко вечност?
будно сонувам за бели гулаби
над езеро
раззеленет ум и очи што наивно
му веруваат на светов.
темните ќошеви не ме заплашуваат одамна,
во нив и нема нешто толку ужасно
кога веќе си видел
до каде оди човечката темнина
особено кога веќе
си се вљубил во нечија.
ВЕСТИ ОД ГАЗА
Марија Ангеловска
Непостоечки медиум 1
Снајперисти целат во колена
таму, велат, е најлесно да се осакати човек
инвалид, велат, е неспособен да војува,
Ако зависат од нас, базопасни се за навек.
Непостоечки медиум 2
Мало момче мачка си гали
И вели „Кога ќе умрам, те молам не ме јади“
„Мачки луѓе не јадат“ – роднините го лажат
А гладуваат и мачките, на кого тие да кажат.
Непостоечки медиум 3
Дождовница се лови по платната на шаторите
Жедта надоаѓа како од небото саѓа
Силен е и гладот како пламенот од огновите
Посилен од градот што врз платната паѓа.
Постоечкиот медиум
„Тие сакаат да нè прикажат во лошо светло,
Ним ништо не им е свето,
Правдата е на наша страна“
– Повторуваа лудаците во една влада.
*Повеќе песни од Марија Ангеловска прочитајте ТУКА!
ЕРОС ЕРЕС
Теодор Тасевски
Има ли ерес поголем
од ерогената преродба?
Од хермафродизмот
пресликан
во нашиот испреплеткан ерос?
Има ли храм посвет
од поколенијата проблудени?
Од постелата двочлена
послана
со љубовни посипи?
Има ли грев погрозоморен
од громотниот нагризок?
Од господовото гостување
нагласено
со нашите разголени глаголувања?
Има ли жар пожежок
од желбата телесна?
Од жедниот дух
преблажен
со прежелност за една жена?
Има ли срам пострашен
од стенкањето распламтено?
Од сласната ни страст
сродна
со севишниот рај?
Ако испреплетканиот ерос е ерес голем,
ако љубовните посипи се храм пресвет,
ако разголените глаголувања се грев грозоморен,
ако прежелноста за една жена е жар прежежок,
ако севишниот рај е срам страшен,
кому мојата вера да ја поклонам?
Тебе или Нему?
Содушната или Севишниот?
Создавателот на еросот или Создавателот на сè останато?
Ако еросот е ерес,
пред Тебе, а не пред Него
на колена ќе паднам,
за прошка ќе се помолам.
ЧЕТВРТОК
Марија Велинова
поетите го сакаат четврток
ја сакаат ч
за четири пати
за чедност и чеда
за чуму и чему
за татко ти
и чвргата што ти ја удри
за татко ти
и чистиот гнев
чесниот спев
човечкиот мев
загноен од колбасите
изедени кај јоле
секој четврток
и четвртината литар
ракија
испиена со пасија
поетите го сакаат четврток
зашто е предигра
пред викенд
пред секс во умот
бидејќи не те ебат никаде
освен во разумот
поетите ја сакаат ч
за чаото
што не знаат да го речат
кога треба
Пламен или Гори
Методија Тасевски
по Матеја Матевски
на Универзална сала
Гори. Некаде гори.
Тој пламен голем, жив и див
пред очите ми стои.
Некаде гори. Некаде далеку гори.
Го фаќа мојот детски здив.
За плач да прсне тој ме моли.
Некаде далеку гори. Далеку во мене.
Единствен и матен спомен
пред пламенот вене.
Толку далеку, што не знам кога.
Го влече мојот кафен ремен.
Продолжив да молам.
Останав ребра со отвор од горе.
Некаде далеку уште ќе гори.
Секаде ветар, никаде море.
Нино Наумовски
МЕЛЕМ
Андреј Анѓеловиќ
Тишино, смири го времето
да не одминува, да не пустоши
Смири го денот
да не ја погази ноќта
Смири ја душава да не падне в униние
Смири го полето
да не засири калишта, та да не пушти род
Смири го ветрот да не носи листови
Смири ги облаците
да не му љубоморат на сонцето
Потем смири ја ноќта
да не ја оскверни месечината.
Откако ќе го стивнеш овој замор
откако ќе го смириш племето
да не крене повторно камен
и крвта да не протече да прелее и се затруе –
земи од тревките
и направи мелем за овие стапала.
Да не паднам
никому да не кажам за болките
никому да не ги кажам раните.
Смири ја тишино планината
Сокриј го таму пламенот што жега под нозеве.
*Песната е дел од стихозбирката „Чергар“ што беше наградена со наградата „Млада Струга“ од Струшките вечери на поезијата 2025г.
ПОМИНУВАЊЕ
Стефан Костоски
На автобуската станица толпа луѓе што ја напуштаат земјата.
Гулабот што стои врз рекламата од една пекара,
долу, на мравките им прави сенка.
Средновечна жена на балконот со метла урива пајакови куќи.
Возилата пловат по улицата како лисјата по реката.
Музиката на уличниот свирач
го води пладнето кон срцето на искрестиот габер.
I
Калиа Димитрова
Девојченце?
Девојченце?, се меша гласот на патникот пред мене, со оној на Јосипа Лисац од моите слушалки.
Не сум девојченце, мрзливо ги тргам слушалки.
А што си, прашува.
Жена, кажувам.
За мене си девојченце, кажува.
Чија си ти, прашува.
Имам мала винарија во близина на Куманово, кажува.
Ти пиеш ли вино, прашува.
Во Македонија никој не сака да работи, кажува.
Тако је, тако је, потврдува возачот.
Тоа ми е хоби, кажува. Инаку, работам со злато. Златни плочки и пари, накит за жени, за мажи нема што. Единствен накит за маж е саат. Све друго е педерлук, кажува.
Твојата плочка златна ли е, од каде ти е, прашува.
Од дедо ми, кажувам.
А чија си ти?
Не одговарам.
Чија си, девојченце, чија си?
Одеднаш, ми се насолзуваат очите.
Моја сум, кажувам и си ги враќам слушалките
како навистина луто девојченце.
Мора ли да си волку лоша, се прашувам, додека на хоризонтот гледам поле наведнати сончогледи.
Чии сте вие, сончогледи?
Ќе преживеете ли на овој автопат?
*Песната е дел од стихозбирката „Во хаосот радост“ што го доби признанието „Штефица Цвек“
ЧЕТИРИ ЧЕКОРИ ДО КАТАРЗА
Дамјан Златановски
Стојам на штици кои даб еднаш беа,
ме посипува сонце зад левиот праг
и очи ми буди нерамнодушна смеа,
а од десниот тишина, студ и мрак.
В зенициве ме демнат едни врати вишни,
непохотни се тајни, за мене тие.
Мамат во тишина со тонови кришни,
што ли зад нив може, сега да се крие?
Првиот го, чекор, направив смасно.
Од вториот ногата на бунт се крена.
Да противречи третиот, стана веќе касно.
Четвртиот ме стрефи со благ поглед, свенат:
Гледам пред себе се што мигов ќе ми срочи.
Гледам во себе - трепет душа ежи.
Дамки румени и снегови бели пред овие очи
- кој е зајакот што пред мене лежи?
Ми зјапаат црниците повторно в душа
дур насоки, со дланки, на толпи нудат.
В час се јурнав, крик в трепет, грло суша
- нема, нема тука, денес да ми судат!
ВЕРНИК
Ива Петреска
Верник,
под врба во тага облеана,
застанат и згрбавен, изморена мака.
Се обидува да ја види нејзе насмеана,
на небото обесена,
што ги ископала ребрата со сопствена рака.
Верник што се заљубил во Бога,
а краде како лудак од општественото добро,
ем верник ем пие ко стока.
Вино за крвта на светиот,
црвено − за жртва.
Човечноста со срп отсечена,
фрлена на улица, мртва.
Верник,
секс само по благословот
од вечниот горе,
но таа му е жена, со нож в грло.
Во ламја тој сторен
ја растргнал на сите страни,
потоа ракијата, капка по капка,
истурена на сите рани.
Не сакам!
...во бракот бесшумно се слуша.
Верник глув за зборови.
Таа пелтечи, тој се смее.
Неговата издупчена душа
одамна елегии над сопствениот гроб си пее.
Тој бил верник,
таа била вештица,
тој бил чесен,
таа лисица.
Тој бил столбот, главата, зборот и карактер.
Таа била ороспија и неверница
што еднаш му кажа
„Пичка ти матер!“
*Песната е дел од стихозбирката „Песнило“ за која може да прочитате осврт ТУКА!
Македонската култура во моментов доживува еден целосно нов културен бран од млади уметници, книжевници, музичари. Тимот на „Култура Бета“ подготви плејлиста со музика од новите македонски бендови! Чујте ТУКА!





















Comments