Иии продолжува нашата летна фестивалска тура со новото издание на скопскиот фестивал „АртАреа / Артерија“. Со три фестивалски денови на две локации и десетина настани ќе се случи новото издание на фестивалот кој е една од главните артерии на културно Скопје. И тоа ова издание со одличен мотив, посветен на она што Скопје за сите значи и како го доживуваме Скопје, а сѐ тоа по повод 60 години од разорниот скопски земјотрес.
Фестивалот ќе биде отворен во петок (15.9) во 19 часот со промоција на романот „Мина“ (Или-или, 2023) на Игор Анѓелков, а ќе го промовираат Ана Мартиноска и Максим Ристевски.
„Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација.“ вели Мартиноска за романот.
Како втор настан од првиот ден, во 20 часот, е промоцијата на романот „Рудникот“ (Антолог, 2023) од српскиот автор Миодраг Мајиќ кој ќе разговара со Јордан Коцевски и Душко Крстевски.
„Третиот роман на Миодраг Мајиќ е пишуван со намера што е очигледна уште од првата реченица. Исповедта на Богдан Бањац можеби е вистинита, а можеби е плод на трауматизираната фантазија, но во секој случај е веродостојна на неговите сеќавања. Тој е поранешен адвокат што се наоѓа во санаториум и поради тоа неговите навраќања кон минатото можат да бидат земени со резерва од јавноста.“ се вели во најавата за романот.
Првата вечер завршува со диџеј сет на Марсо наслов како „Скопје радост ти ќе бидеш“. Истата вечер во „Буква“ ќе биде отворена и изложбата на фотографии “Pars-mea” на младата фотографка Андријана Антова.
Втората фестивалска вечер е резервирана за главните случувања на годинешното издание на „АртАреа / Артерија“, а тоа е гостувањето на писателката Кинга Нетман-Мултановска за промоцијата на книгата „Варшава го исцртува Скопје“.
Но пред тоа, од 19 часот ќе биде промовирана книгата „Рефлексии“ (Бегемот, 2023) од Тони Димков, која ќе биде промовирана од Атанас Конески.
Од 20 часот ќе се случи промоцијата на книгата, која е многу важна за Скопје, „Варшава го исцртува Скопје“ (Бегемот, 2023) од Кинга Нетман-Мултановска која ќе разговара со Филип Димевски и Павел Вељановски.
„Според едно од најважните драматуршки правила, приказнава започнува од големиот земјотрес, кој во 1963 година шеесет и пет проценти од градбите на Скопје ги претвора во прав и пепел. Во своето исцрпно дело, авторката ги сплотува судбините на Варшава и на македонската престолнина; човечката драма, несигурноста, очајот, а потоа и неверојатната мобилизација и триумфот на духот се мотиви што ги знаеме од сопствениот двор. Напишана со занес, жанровски разнородна и густа со информации, приказната за преродбата на градот пред сѐ е голема пофалба на солидарноста. Денеска, кога ни е најпотребна, книгава се покажува како особено актуелно и важно четиво“ вели Малгожата Рејмер, писателка, авторка, меѓу другите, на книгите: Букурешт. Прав и крв и Кал послатка од мед .
Вечерта ќе заврши со џез концерт на „Јузефчо трио“, во 21:30, каде свират Филип Букршлиев, Благојче Томевски и Нинослав Спировски. Во МКЦ ќе биде отворена и изложбата на поштенски разгледници, слајдови и урбанистики планови „Од Варшава до Скопје“.
Третиот и последен фестивалски ден е посветен на промоцијата на стрипот од Ѓорѓе Јовановиќ и Иван Шопов, „Скопје за почетници и понављачи бр.3“ (Бегемот, 2023) која ќе започне во 19 часот. А потоа, од 20 часот, ќе биде промовиран и романот „Плачеш како кит“ (Бегемот, 2023) на Ѕвездан Георгиевски, а ќе го промовира Петар Андоновски.
„Плачеш како кит“ е слоевито, хибридно дело, чиј хронотоп се движи од една фиктивна лична приказна во македонската сегашност, преку навраќање во минатото низ пределите на Чиле и на Тихиот Океан со упатување на историски факти, низ бајковити предели на неодредени локации некаде во Европа, преку митолошко создавање на живиот свет, сè до една потенцијална иднина на Македонија во која превладува метафората на потонувањето. Различните делови сочинуваат една кохерентна романескна целина. Имено, сите се поврзани со лајтмотивот на китот, симбол на благородните особини на луѓето што трагаат по нешто повеќе од она што им го одредила судбината, која тешко се победува, и чудовиштето, кое симболично го претставува стравот што ги прогонува ликовите од различни причини уште од нивното детство. Преку оваа комбинација на приказни, на читателите им се дава функционален објектив низ кој ги следат сличните трансформации на оние што се соочуваат со смртта на блиските и со губењето на смислата.“ вели Калина Малеска за романот.
Вечерта ќе заврши со седмото издание на „Поетска епизода“ овојпат насловено како „Поетите за Скопје“. Настанот ќе започне во 21:30, а ќе настапат Иван Џепароски, Васил Ханџиски, Биљана Стојановска, Никола Маџиров и Васко Марковски. Во рамки на овој настан ќе бидат прикажани и четири поетски филмови на Марија Шаклева, Сандра Ѓоргиева и Диме Данов според песни на Ивана Јовановска, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска и Владимир Мартиновски. Поетските филмови се од проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ на издавачка куќа „ПНВ Публикации“.
„Фестивалот се развиваше спонтано, флуидно, честопати на самото место. А тргна од чист ентузијазам. На почетокот фестивалот траеше три дена од утро до полноќ. Имајќи предвид дека учествуваа и ракотворци и поголем број издавачи, фестивалската програма опфаќаше и мал саем на книги и разни видови рачни изработки. Сите тие луѓе дадоа свој придонес во изгледот и во програмата на фестивалот. Освен саемскиот дел, костурот на главната програма остана ист, по три настани секој ден почнувајќи од 19 ч. Одлучивме да го задржиме овој формат низ следните години. Но, едно нешто ги поврзува сите фестивалски години, а тоа е разновидноста на темите што секоја година ни се во фокус, кои се движеа од книжевноста, театарот, прозата, поезијата, фолклористиката, видеопродукцијата, анимацијата, стрипот… па еве оваа година до градот Скопје. Така, самата шаренолика програма засегна голем број луѓе од разни културни зони, па особено ни е драго што фестивалот редовно го проследува публика од најразлична провиниенција во сѐ поголем број, од луѓе со стожерен статус во нашата култура општо, до културотворци од најмладите генерации, што особено нѐ радува и искрено се надеваме на што поголема вклученост на младите.“ вели Филип Димевски, организатор на фестивалот во интервју за „Радио МОФ“.
Тимот на Култура Бета ќе го проследи и овој фестивал, а наскоро очекувајте и импресии од него, осврти не некои од промовираните книги.
Comments