top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Љубовта кон градот и љубовта кон љубовта, спој кој се случува во „И во овој град се случуваат чуда“

На 15-ти април оваа година во кафе-книжарницата „Буква“ правев промоција на мојата втора стихозбирка. Меѓу оние кои ми дојдоа беше и една прекрасна личност за која знаев дека е авторка и дека наредниот ден на истото место прави промоција на својата нова книга насловена како „И во овој град се случуваат чуда“. Таа личност беше Тијана Милиќ.


Некаде брзо после пладне, околу 13 часот, доаѓаме во „Буква“ на денска промоција на „И во овој град се случуваат чуда“. Малку изморен (читај: мамурен : )) од претходната вечер и од испитот кој го полагав утрото, сепак седнувам, ладно макијато и впуштање во ново книжевно искуство. Лилјана Пандева за оваа книга на Милиќ ќе каже: „Таа чудесно го води читателот низ дваесетина и нешто наслови што истовремено може да се сфатат и како раскази, но и како глави од еден кус роман. Зачудува вештината на авторката како го води читателот, или дејството, од приказна во приказна, сместени во само шест дена, колку што трае еден туристички разглед на нејзиниот град...“. Зошто туристички разглед?


Имено, Тијана Милиќ е една од ретките којa во овој град е туристички водич. Тоа ми дојде како „шок“ кога првпат го чув бидејќи си реков и помислив (и покрај сета моја љубов кон овој град) – „Па каде ли ги носи туристите во овој малечок град?“. Одговорот на ова прашање се крие токму во „И во овој град се случуваат чуда“!


Лесно, мало, слатко, книжуле кое е брзо за читање, со вивидна градско-љубовна приказна. „И во овој град се случуваат чуда“ е дело кое ве освојува на

неколку наврати. Најпрво ја гледате корицата, дождливо-акварелест поглед кон прекрасната зграда на „Македонската опера и балет“ (инаку, ова уште едно прекрасно дело на Јован Димоски од ПНВ Публикации кои се и издавачи на оваа книга). И тоа е првиот наврат. Ја отвораш книгата која инаку е во џебен формат, со убавиот мирис на т.н. жолта хартија, ја отвораш и првото што го читаш е „Посветена на едно дете“. Кое е тоа дете? Детето во секој од нас, веројатно. Детето кое ја испумпува во нашите срцa детската невина и пречиста љубов – во ова дело љубов кон градот и љубов кон љубовта. Третиот наврат на освојување е самата тема, како што и неколку пати назначив: љубов кон градот и љубов кон љубовта.


Зошто инсистирам на ова? Ако ги погледнеме поднасловите на оваа книга би го прочитале следново: „Лето на љубовта“, „Првпат“, „Таква насмевка не се заборава“, „Дом во домата“, „Ако животот ми беше Скопје“, „Нешто незапирливо“ итн, итн, итн и читате и доаѓате до делот насловен како „Музеј“ и го читате следново:


Некако, заклулив дека тоа ќе ми биде цел. Да те однесам во музеј.

Пропаднат план, поткрадната идеја, неостварена желба, друштво. Само за да се извлече насмевка, да се слушне нешто ново, некој да биде среќен. А навистина не барав многу, иако во последен момент за тебе сè ќе беше мистерија.

Внатре, експонатите и ти. Во еден простор минатото и сегашноста, разлика броена во децении и предмети од пресушна важност – што ќе биде отсега?

...

Да те натерам да зборуваш, да чујам што имаш да ми кажеш. Во кој ли период ќе ме сместиш? Ќе ти раскажам малку за работите што мене ми оставиле впечаток, нешто ќе нè засмејува затоа што нема да го разбереме, во друго ќе бараме паралела. Ќе завршиме во гифт-шопот, затоа што сакам да ти купам подарок. Мало сувенирче што ќе те потсетува на ова искуство.

Само што, јас станав музеј.


(извадок од „И во овој град се случуваат чуда“, ПНВ Публикации, 2022, стр. 50-51.)

И тогаш го гледаме спојот на љубов кон градот и љубов кон љубовта. Инсистирам на ваква дихотомна определба на љубовта бидејќи тоа е дефинирањето на љубовта низ речениците на Тијана Милиќ. И навистина, ако ја запознаете и доколку направите барем неколку редови муабет со неа го гледате истото: вљубување во градот, во луѓето, во љубовта. И се сложува со реценцијата на Лилјана Пандева каде се вели: „Дури и да сте скопјанец, откако ќе ја прочитате книгава, ќе посакате да го прошетате градот“. А тек да не сте од Скопје – блазе си ви!


Од другастрана оваа книга може да се сфати и како дневник, но и како патопис или како дневнички патопис или како дневник за патувања, тука дополнет со љубовна нишка. Тоа е клучното и во ова дело – нуди повеќе читања. Повеќеслојно е. Може и да се чита само како дневник. Може да се чита и само како љубовна приказна. Може да се чита и како „прирачник“ за прошетка низ Скопје. А ако ги прочитате сите три комбинирано – тогаш сте го доживеале најубавото чувство, тогаш сте ја почувствувале и љубовта кон градот и љубовта кон љубовта.


На крајот ќе постанете само МУЗЕЈ. Сопствен МУЗЕЈ со вашето исполнето срце како артефакт во него. Читнете ја „И во овој град се случуваат чуда“.

Comments


bottom of page